Врховниот суд на САД го потврди правото на носење оружје

Врховен суд на Соединетите држави јасно во четвртокот првпат потврди дека Американците имаат право на носење оружје надвор од сопствениот дом, во одлука којашто може значително да ги отежни напорите во борбата против алармантниот раст на насилството со огнено оружје.

Шесте конзервативни судии ги надгласаа тројцата ткн „прогресивни“ судии блиски до ставовите на неолибералните демократи, и го поништи законот на сојузната држава Њујорк, донесен пред повеќе до 100 години со кој во оваа сојузна држава се ограничуваше правото на носење оружје.

Одлуката е донесена во време кога многу Американци се шокирани од серијата смртоносни напади, меѓу кои е и оној од 24-ти мај во основно училиште во Тексас во кој беа убиени 19 ученици и две наставнички, што ги поттикна вообичаено колебливите по оваа тема републикански сенатори да се согласат на извесни реформи.

„Длабоко сум разочаран“, изјави демократскиот претседател Џо Бајден и изрази жалење поради судската одлука која „оди во спротивна насока“ и којашто „сите нас треба да нѐ загрижува“.

Гувернерката на Њујорк, неговата демократска сопартијка Кетлин Кортни Хокул, ја осуди судската одлука којашто е „срамна во време кога нацијата ја освестува за насилството со огнено оружје“.

Моќното лоби на Националната пушкарска асоцијација (National Rifle Association, NRA), ја поздрави „големата победа“ и „пресвртница“ којашто е „резултат на децениите борба“.

Во сојузната држава Њујорк со законот од 1913 година државјани кои сакаат да носат оружје мора да добијат дозвола од локалните власти, при што мора да докажат дека се присилени да се бранат, на пример поради професијата со којашто се занимаваат или поради закани. Според Врховниот суд сега такви докази повеќе нема да мора да се поднесуваат.

Законот го оспорија две лица сопственици на огнено оружје, на коишто њујоршките власти одбивале да им дадат дозвола за носење оружје, а им помогна локалната филијала на NRA која силно заговара доследна примена на вториот амандман од Уставот на САД.

Вториот амандман од американскиот Устав се штити правото на слободно поседување и носење оружје. Оваа одлука на Врховниот суд ги потврдува правото на „носење огнено оружје надвор од домот“.

„Ништо во вториот амандман не упатува на разлика меѓу домот и јавно место, кога станува збор за носењето оружје“, напиша во образложението конзервативниот судија Кларенс Томас.

САД ја имаат највисоката стапка смртни случаи од употреба на огнено оружје меѓу развиениот и богатиот свет. Годинава во САД имало најмалку 239 масовни пукања, според податоците на непрофитната истражувачка група Gun Violence Archive, којашто масовното пукање го дефинира како она во кое се погодени најмалку четири лица.

Во 2020 година 45.222 Американци биле убиени од огнено оружје. Речиси 400 милиони парчиња огнено оружје биле во оптек меѓу цивилите во САД во 2017 година, што е 120 парчиња на 100 лица, наведува групата Small Arms Survey.