Врховниот суд во Атина за 2-ри март го одложи рочиштето на кое требаше да биде разгледана жалбата на одлуката за екстрадиција на Судот во Солун за поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, јави дописникот на МИА од Атина.
Рочиштето е одложено поради тоа што адвокатите немале време да го разгледаат предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик. Во Судот имаше преведувач на бугарски јазик, но одбраната инсистираше на македонски превод. Грујевски и Бошковски од Врховниот суд се вратени во атинскиот затвор „Коридалос“.
На денешното рочиште, покрај жалбата на Грујевски и Бошковски, требаше да се разгледаат уште 20 други случаи.
Вчерашното сослушување на Грујевски и Бошкоски пред Комитетот за азил во Солун беше одложено. Тие пред Комитетот требаше да ги изнесат причините поради кои го бараат азилот во Грција. Претходно нивното првично сослушување во Комитетот беше одложено бидејќи имало проблем со обезбедување преведувач на македонски јазик.
Одлучувањето во Атина доаѓа по нивните жалби откако Основниот суд во Солун одлучи дека тие треба да бидат екстрадирани во Македонија.
Според некои домашни процени, двајцата бегалци би требало да бидат екстрадирани наредниот месец, за кога во Кривичниот суд се закажани рочиштата за „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“.
Грујевски и Бошковски барање за добивање политички азил во Грција доставија на 29-ти ноември минатата година. Овој потег, како што јави дописникот на МИА од Атина, беше очекуван, со оглед на тоа дека во вакви случаи, за да се пролонгира екстрадицијата следниот чекор е барање азил.
Со поднесеното барање за политички азил, пак, се отвори нов паралелен и дополнителен процес. Грујевски и Бошковски, во Грција, веќе имаат три различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром и третиот по барањето за азил.