Врвот на СДСМ во битка за претседателска кандидатура

Жестока дебата и тензична атмосфера се очекува утре вечер во централниот штаб на СДСМ за време на одржувањето на седницата на Централниот одбор.

Највисокото партиско тело на дневен ред ќе има неколку „жешки“ и теми околу кои се очекува да се кршат копјата. Раководството на партијата ќе ги соочат аргументите за тоа дали треба да се прифати барањето на ВМРО ДПМНЕ да се оди на предвремени избори заедно со претседателските и чие име партијата ќе промовира како кандидат за шеф на државата.

Од СДСМ велат дека од утре ја отвораат постапката за избор на кандидат за претседател која што, според правилата, ќе трае 20 дена. Ставот кој владее во партијата е дека кандидатот треба да произлезе од партиските редови, но сепак да биде прифатлив за гласачите од албанската етничка заедница.

Но, дебата за тоа зад кого треба да застане владејачката партија и дали потенцијалниот кандидат ги исполнува условите за консензуален кандидат е веќе разгорена. За евентуален кандидат во игра се имињата на највисоките функционери и во СДСМ и во Владата како Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска. Се споменува и министерот за надворешни работи Никола Димитров кој на последното телевизиско интервју пред два дена не ја отфрли можност за кандидатура за претседател.

„Сега ние сме во еден важен процес на консултации, се проверува мислењето на граѓаните и коалициските партнери. Мислам дека има многу имиња што се одлично од овие што се споменуваат. Јас сум повеќе искрен ,отколку скромен. Во секој случај, што се споменува моето име е чест“, рече Димитров при разговорот на 24ТВ.

Според неофицијални информации, Димитров веќе има и подготвен тим за логистика и промоција во јавноста и негово презентирање како најдобар кандидат за претседателската функција.

Како еден од можните кандидати се истекнува и Стево Пендаровски, кој на претходните претседателски избори беше поразен од актуелниот шеф на државата, Ѓорѓе Иванов. Претходно, Нетпрес објави дека и Есад Рахиќ е во трката за претседателски кандидат и дека и СДСМ и ДУИ во него гледаат потенција за консензуален предлог.

Професорот и поранешен министер за надворешни , Денко Малески исто така беше посочуван како кандидат на власта на претстојните избори. Малески денеска во изјава за Плусинфо остро реагираше на ваквите информации и побара неговото име да се врзува со изборите.

„Во отсуство на секаква комуникација со партиите, и со непријатно чувство дека станувам предмет на манипулација, потсетувам дека не сум претседателски кандидат и барам моето име веднаш да престане да се употребува во контекст на претстојните претседателски избори“, вели Малески во изјавата за Плусинфо.

Инаку, дел од медиумите објавуваат дека во битката за партиските кандидат за претседател се користи и „валкана игра“. А1он објави дека истражувања на јавното мислење преку кои се мери поддршката за евентуалните кандидати се „штимаат“ во корист на еден од можните кандидати. Според информациите кои ги објави порталот, убедливо водство на анкетите имаат Пендаровски и Оливер Спасовски. Покрај ова, според истите информации, Пендаровски уживал поддршка и од албанските гласачи.