Врвот во М-НАВ попушти, избраните кандидати за контролори на летање одат во Данска

Осумте кандидати за контролори на летање ќе започнат школување во Данска. Во текот на денов управниот одбор ќе им ги потпише потребните документи, но претходно ќе се направи уште едно интервју со сите, дознава телевизија Сител.

Постапката би требало да биде комплетирана денеска, а со надлежните во Данска веќе се разговара на кој датум треба да почнат предавањата од теоретскиот дел кои , според најавата на данскиот тренинг центар треба да се организираат во Скопје.

Одлуката на управниот одбор да го заврши конкурсот за избор на 8 кандидати за контролори на летање, доаѓа по реакциите на вработените во контролата на летање, Здружениетото на контролори на летање и синдикатот. Тие обвинија дека тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ се обидуваат да го поништат конкурсот, бидејќи меѓу избраните кандидати немало блиски и членови на ДУИ.

Доколку тоа се случи, според претседателката на Здружението на контролори на летање Наташа Мијат Костовска, контролната кула за двве години може да се затвори, бидејќи нема да има кој да работи на неа.

И владата повика М-НАВ да ги почитува евроските стандарди за избор на кандидати за контрола на летање.

Вицепремиерката Славица Грковска, пак, побара одговорност од управниот одбор. Таа на статус на Фејсбук напиша дека членовите на УО и на НО на МНАВ мора да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас.

Вчера и денеска повеќе од 30 вработени во М-НАВ, заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори поднесоа оставки, но рекоа дека ќе ги повлечат само во случај ако директорите ги испратат осумтемина избрани на неопходната обука.