Познатиот бугарски бизнисмен, политичар и поранешен припадник на Државната безбедност, Алексеј Петров, беше убиен денеска во Софија. Тој беше застрелан со автоматска пушка во софиската населба „Драгеловци“ каде го пронашле припадници на МВР, а на местото на настанот имало и жена која во тешка состојба која е пренесена во болница, објави нова.бг.
Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Петров бил придружуван од тројца телохранители, кои за време на пукањето не биле во негова непосредна близина.
Дојавата за пукањето, полицијата ја добила во 12 часот и30 минути, и на местото на настанот веднаш биле испратени екипи кои го нашле безживотното тело на Петров и ранетата жена.
Како што пренесуваат медиумите, целата област е блокирана од полициски сили.
Жената која била донесена во болница по убиството на Петров, има рана во пределот на градниот кош, изјави за медиумите директорот на болницата, Валентин Димитров.
Тој не одговори дали е изваден куршум од телото на жената и додаде дека на жената ќе и биде извршена итна операција.
„Моментално е во операциона сала. Во овој случај се ангажирани две екипи. Го правиме тоа што треба“, објасни тој.
Алексеј Петров беше припадник на Специјалната единица за борба против тероризмот, по што влезе во светот на бизнисот. На пошироката јавност и е познат како сопственик на осигурителни компании и основач на осигурителната компанија „Аполо и Болкан“ во 90-тите години на минатиот век, јавува „Радио Бугарија“.
Против него беше покренато обвинение за предметот против криминалната група „Октопод“ која се занимаваше со рекет и изнуда, но подоцна беше ослободен од сите обвиненија.
Петров бил и советник на претседателот на Државната агенција за национална безбедност во 2008 и 2009 година, а извесно време предавал и на Универзитетот за национална и светска економија во Софија.
Тој се кандидираше за претседател во 2011 година, но на изборите освои нешто помалку од еден процент од гласовите.
Веќе преживеа два обида за атентат, во август 2002 година и во 2015 година, кога врз него беше фрлена експлозивна направа.