Вселенскиот рекордер, рускиот 58-годишен космонаут Падалка оди во пензија

Рускиот космонаут 58-годишниот Генадиј Падалка, рекордер според бројот часови минати во Вселената, во саботата најави дека ќе се повлече од одредот на космонаутите, пренесува ТАСС повикувајќи се на началникот на Центарот за обука на космонаутите, Јуриј Лончаков.

Самиот космонаут потврдил дека ќе биде на должност во Вселената до петокот 28 април. „Принуден сум да замина. Заморно е .. Нема перспективи за нов лет“, рекол космонаутот Падалка.

Според него, тој е подготвен за шестиот орбитален лет со што би поставил уште еден рекорд за вкупно престојување во Вселената – од илјада денови, но оти нема да биде вклучен во екипажот.

Херојот на Русија, полковникот Генадиј Падалка во 1979 година дипломирал на висока воена воздухопловна школа за пилоти со специјалност „командно-тактичка ловечко-бомбардерска авијација“.

Во април 1991 година, тој бил вклучен во космонаутскиот одред, а првиот лет во Вселената го имал на 13 август 1998 година.

Во текот на својата космонаутска кариера Падалка пет пати престојувал во Веселената и извел десет вселенски прошетки. Вкупното времетраење на неговото престојување во отворениот космос изнесува 878 дена, 11 часови, 29 минути и 24 секунди.

На 15 април минатата 2016 година Меѓународна воздухопловна федерација Federation Aeronautique Internationale), официјално го призна рекордот на Падалка.

Претходниот рекорд, исто така, го држеше рускиот космонаут Сергеј Крикалев кој во Вселената минал 809 денови. Падалка го надмина на 29 јуни 2015година, кога престојуваше на Меѓународната вселенска станица (ISS), а притоа телефонски разговараше токму со Крикалев.

Својот петти вселенски лет Падалка го започна на 27 март 2015 година, а на Земјата се врати на 12 септември истата година.