Втор ден беснее пожар во Грција

Поттикнат од силниот ветар, втор ден по ред беснее пожарот што ги зафати планините над Коринтскиот залив во Грција. Поради огнената стихија стотици луѓе мораа да бидат евакуирани.

Од грчката цивилна заштита информираат дека во текот на целата вечер спасувачите и пожарникарите ја продолжиле борбата против првиот поголем пожар во сезоната кој веќе уништи 20 километри шума.

Од рано утринава 12 авиони и три хеликоптери продолжиле со операцијата на гасење, а 278 пожарникари со 89 противпожарни возила се распоредени на местото на пожарот.

Засега нема пријавени жртви, но евакуирани се 17 населби, два православни манастири и стотици луѓе поради претпазливост.

Шефот на пожарникарите, утрово на јавната телевизија ЕРТ соопшти дека целта е да се формира фронт за пожарот да не се прошири кон Мегара, крајбрежно место со околу 30.000 жители кое се наоѓа на 40 км од Атина.

Цивилната заштита во текот на целата ноќ праќала СМС пораки повикувајќи ги мештаните веднаш да се евакуираат покрај брегот.

Густ чад се шири над главниот град Атина и други делови на југот од Грција.

Пожарите во Грција се чести во топлите летни месеци. Во пожарот кој во јули 2018 година ги зафати крајбрежните делови околу одморалиштето Мати, источно од Атина, загинаа 102 лица.