Втор ден од „Викендот без ДДВ“, фискалните се скенираат во рок од три дена од купувањето

„Викендот без ДДВ“ влезе во вториот ден. Граѓаните за прометот што ќе го направат денеска и утре за купување домашни производи и услуги, како и компјутери и ИТ-опрема ќе добијат целосен поврат на платениот ДДВ.

Од Управата за јавни приходи ги информираат корисниците на апликацијата МојДДВ, дека за фискалните сметки издадени во трите дена од „Викендот без ДДВ“, за вкупниот промет до 30.000 денари по лице, остварен од македонски производи и услуги, како и  компјутерска опрема, со нивното скенирање во рок од три дена од издавањето, ќе може да го вратат целосниот износ на пресметаниот ДДВ за тие производи во фискалните сметки,

-За враќање на целиот износ на данокот, граѓаните треба да ги скенираат фискалните сметки во рок од три дена по нивното издавање, а доколку ги скенираат по истекот на овој рок, враќањето на ДДВ за овие производи ќе продолжи како досега, односно ќе се пресметува со 20 отсто од платениот ДДВ во фискалната сметка исто така и надминатиот износ од вкупниот промет ќе се пресметува согласно редовната пресметка односно 20 отсто појаснуваат од УЈП.

Враќањето на целосниот износ на ДДВ ќе се изврши во рок од 15 дена од денот на скенираните сметки, додаваат од Управата за јавни приходи.

Целта на оваа мерка е да им се даде можност на граѓаните да извршат целосен поврат на данокот на додадена вредност за прометот реализиран преку фискални сметки кои ќе бидат издадени за периодот 10, 11 и 12 октомври.

Највисокиот износ за кој граѓаните би имале право на враќање на целиот износ на данок изнесува 30.000 денари вкупен промет регистриран во сите фискални сметки кои се издадени во овие денови. За прометот над 30.000 денари ќе важат воспоставените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето.

Засега околу 350.000 граѓани можат да ја користат оваа мерка. Тоа е бројката на регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки, но според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши, таа бројка очекуваат да се зголеми на 400.000 граѓани.