Собранието денеска втор ден ќе расправа за предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Претседателот на Собранието Талат Џафери за напладне го закажа продолжението на 20. седница.
Со свирежи во салата и транспарент „Кацарска извршител на мафијата“, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера изразија револт против предлогот на Судскиот совет, Кацарска да биде избрана за уставен судија.
Ова е уште еден доказ, обвинија опозициските пратеници, дека продолжува мешањето на извршната во судската власт и дека премиерот Зоран Заев продолжува на дрзок и манипулативен начин да ги наградува послушните судии.
Пратениците од СДСМ го бранеа предлогот потенцирајќи дека опозицијата зборувала се, но не и за она што значи вистинска независност на судството, како и дека не можат да се оттгрнат од политичката пресметка со претседателот на Владата, Зоран Заев.
На дневен ред на 20. седница се измените на Законот за приватно обезбедување, измените и дополнувањата на Законот за Централен регистар, измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и измените на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, сите во прво читање.