Втор ден во Делчево се санираат штетите од силното невреме

Во Делчево втор ден се расчистуваа остатоци од срушени покриви, паднати електрични столбови, откорнати дрвја и друга настаната штета како последица на невремето кое во саботата доцна попладне го зафати градот. Најголема штета е предизвикана на неколку куќи во централното градско подрачје кои настрадаа од паднатиот кров на блиските згради на улица ,,Никола Јонков – Вапцаров”.

Семејството Златковски како едно од најоштетените по невремето се заблагодарија за брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица, доброволното друштво ,,Волонтер” и комуналното претпријатие, кои во текот на целиот вчерашен ден ги прибираа остатоците од кровот кој падна врз нивната куќа.

-Благодарност до службите кои помогнаа да се расчисти паднатиот кров од дворното место како последица на страшното невреме. Тоа беше страшно нешто, бучеше од сите страни куќата се затресе. Сега ќе чекаме проценка, штетата е голема и се надевам по проценката ќе се санира, вели Љупчо Златковски.

На сите три згради крововите се кренати во воздух, додава Сашко Даневски, жител во една од зградите додавајки дека се што имало на крововите буквално е паднато на асфалтот.

За денес е најавена прес конференција на градоначалникот на Делчево, а според најавите ќе биде закажана и вонредна седница на делчевскиот Совет на која ќе се расправа за начинот на обештетување на најпогодените граѓани.

Градот полека се враќа во нормала, но се уште се чувствува немирот кај повозрасните граѓаните кои рекоа дека не паметат вакво невреме во последните 50 години.