Доколку не дојде до ново одложување, на денешното рочиште се очекува обвинетите да се произнесат за вина, како и странките да ги дадат своите воведни зборови
Во Основниот кривичен суд во Скопје, за денеска е закажано ново судско рочиште за предметот кој се однесува на невладината организација Меѓународен сојуз – Скопје, на Бојан Јовановски – Боки 13.
Ова ќе биде втор обид за старт на судскиот процес, откако првото рочиште на 1 јули беше одложено поради барање за изземање на обвинителката Вилма Русковска од овој предмет.
Барањето го поднесе Фросина Ременски која е третообвинета во случајот за измама, а потоа кон него се приклучи и Јовановски кој, пак, е првообвинет за измама и за перење пари.
Ременски го поднесе барањето еден час пред почетокот на рочиштето на 1 јули, а причините кои ги наведе се селективност, попречување на правдата и кршење на нејзините права како обвинета. Во судница на барањето се надополни и Јовановски исто така, обвинувајќи ја Русковска за селективно и тенденциозно постапување, како и за кривично дело тортура врз него.
Обвинителката, пак, тогаш за медиумите изјави дека смета оти ваквото барање е неосновано. За него треба да се произнесе републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Во јавноста изминатите денови излегоа неофицијални информации дека барањето е одбиено, но официјално одлуката треба да биде соопштена на стартот на денешното рочиште.
На спротивната страна од Русковска во судницата денеска треба да седнат и останатите тројца обвинети. Заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска – двете се товарат за помагање во делата измама и перење пари. Петообвинет е таткото на Боки, Миле Јовановски и на товар му се става помагање во перењето пари како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Судскиот процес го води судечки совет составен од двајца поротници и судијката Софче Гаврилова-Ефремова која беше втора судијка и во случајот „Рекет“. Доколку не дојде до ново одложување, на денешното рочиште се очекува обвинетите да се произнесат за вина, како и странките да ги дадат своите воведни зборови.
Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, едниот сума од 719 905, а другиот 233 821 евра. Од друга страна, пак, Јовановски неколкупати досега го коментираше овој предмет за време на рочиштата во „Рекет“ и тврдеше дека станува збор за небулозни тврдења на обвинителството и за уште еден конструиран случај.
Пред околу еден месец со првостепена пресуда за „Рекет“, тој беше осуден на девет години затвор за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на седум за злоупотреба на службената положба и овластување.