Втор последователен пораз на „Дрим тимот“, САД поразени и од Австралија

Машката кошаркарска селекција на САД го доживеа и вториот пораз во подготвителните натпревари во пресрет на настапот на Олимписките игри во Токио, а по Нихерија (90:87) американските НБА ѕвезди во Лас Вегас беа поразени и од Австралија со 91:83.

Австралијците до победата ги носеа плејот на Сан Антонио Спарс, Пети Милс со 22 коша и крилото на Јута Џез, Џо Инглес со 17 поени. Матис Тибал од Филаделфија 76ерс додаде 12 поени за победниците.

Демиен Лилард со 22 коша ги предводеше стрелците во американсата репрезентација. Кевин Дјурант додаде 17, а Бредли Бил 12 поени.

Австралија имаше високи 52,9 отсто шут од игра и го натскокаа ривалите со 32-25. Американците беа подобри во првото полувреме, по кое имаа девет коша предносет (46:37), но Австралијците третата четвртина ја добија со 32:18. САД повторно успеаја да дојдат во водство во последната четвртина, но Австралија предводена од Милс подобро ја одигра завршницата и дојде до победата.

Ова е вторпат во последните две години селекцијата на САД водена од Грег Попович да доживее два последователни пораза. Првпат тоа се случи на Светското првенство во Кина во 2019-та, кога во четвртфиналето загубија од Франција, а потоа беа поразени и од Србија во доигрувањето за пласман од 5-то до 8-то место.

Ова воедно беше четвртиот пораз за Американците во пријателски натпревари, откако во националниот тим беа вклучени играчи од професионалната НБА-лига. Билансот од 1992 до денес на САД во пријателските натпревари е 54 победи и четири порази.

На олимпискиот турнир во Токио американската репрезентација ќе се обиде да ја пдодолжи златната низа која ја остварија под селекторот Мајк Крижевски, започната во 2008 година во Пекинг, со освојувањето на првото од трите последователни златни медала.