Втор смртен случај од мајмунски сипаници во Шпанија, вонредна состојба во Њујорк

Второ лице заразено со мајмунски сипаници починало во Шпанија, објави во саботата тамошното министерство за здравство ден по потврдувањето на првиот смртен случај, а истовремено американската сојузна држава Њујорк поради епидемијата прогласи вонредна состојба.

„Од 3.750 пациенти, 120 се хоспитализирани а двајца починаа“, објави Центарот за итни здравствени ситуации при шпанското министерство за здравство во својот најнов извештај, без прецизирање на времето на смртта на вториот пациент.

Станува збор за првите две лица во Европа кои починале како последици од мајмунски сипаници. Претходно во петокот Бразил и Шпанија објавија за првите смртни случаи од мајмунски сипаници надвор од Африка.

Вбројувајќи ги и двата смртни случаи во Шпанија, досега од мај во светот забележани се вкупно осум смртни случаи, од кои првите пет беа во Африка, каде болеста е ендемска и првпат е идентификувана кај еден маж во 1970 година.

Шпанија е една од земјите со најмногу случаи во светот.

Повеќето заразени во Европа каде 70 отсто од 18.000-те случаи детектирани од почетокот од мај, а 25 отсто во двете Америки, објави директорот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), Тедрос Аданом Гебрејесус.

Во повеќето случаи заболените се мажи коишто имаат сексуални односи со други мажи, релативно млади и кои живеат во урбани средини. Регионалната канцеларија на СЗО за Европа објави во саботата дека може да се предвиди дека ќе има зголемување на бројот на смртни исходи од мајмунски сипаници. Сепак, организацијата истакнува дека тешките компликации се многу ретки.

„Имајќи го предвид продолжувањето ширењето на мајмунските сипаници во Европа, очекуваме уште смртни случаи“, изјави Катрин Смејлвуд, функционерка за итни ситуации во СЗО за Европа.

Светската здравствена организација минатата седмица објави дека епидемијата на мајмунски сипаници претставува глобална здравствена опасност.

Во САД, гувернерката на сојузната држава Њујорк, каде што се забележени четвртина од вкупно заболените од мајмунски сипаници на сојузно ниво, објави вонредна состојба поради ширењето на епидемијата.

„Прогласувам вонредна состојба за да се засилат нашите континуирани напори во соочувањето со сериозната епидемија на мајмунски сипаници“, објави на Twitter Кети Хокул доцна во петокот.

Во петокот државата Њујорк имаше потврдени 1.383 случаи на мајмунски сипаници, се наведува на интернет страницата на министерството за здравство на оваа американска сојузна држава.