Втор состанок на Заедничкиот управен комитет за Рамката за развојна соработка со ОН, насловена “Партнерство за одржлив развој: Стратегија на ОН за 2016-2020“

Во Министерството за надворешни работи во четврокот се одржа вториот состанок на Заедничкиот управен комитет за Партнерство за одржлив развој: Стратегија на ОН за 2016-2020, што претставува стратешка програмска рамка која го опфаќа колективниот придонес на системот на ОН за реализирање на националните развојни приоритети.

Со ова тело копретседаваат министерот за надворешни работи, Никола Димитров и резидентниот координатор на ОН во Република Македонија, Луиза Винтон. Од страна на Владата на Република Македонија во ова тело членуваат и министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки. Улогата на Заедничкиот управен комитет е да го води и надгледува процесот на подготовка и имплементација на Стратегијата.

На состанокот се дискутираа реализираните активности во 2016 и плановите за 2017 и 2018 кои се групирани во пет приоритетни области: вработување, добро владеење, социјална инклузија, одржлива животна средина и родова еднаквост. Активностите ги адресираат тековните развојни предизвици на земјата што се тесно поврзани и структурирани околу евроинтегративниот процес и поврзани со глобалните Цели за одржлив развој.