Втора доживотна казна за најкрвавиот руски сериски убиец

Поранешниот руски полицаец, кој беше осуден на доживотен затвор за убиствата на 22 жени, денеска доби уште една доживотна казна за убиствата на уште 56 жени. Регионалниот суд во Иркутск во југоисточен Сибир денеска ја донесе пресудата против 54-годишниот поранешен полициски наредник Михаил Попков, кој од руските медиуми беше наречен „Ангарскиот манијак“. Тој е сериски убиец со најголем број жртви во руската и во советската историја.

Попков, кој беше полицаец во градот Ангарск, беше уапсен во 2012 година, откако серија ДНК-тестови го поврзаа со силувањата и убиствата на три жени во 1997 година. Во јануари 2015 беше прогласен за виновен за смртта на 22 жени и обидот за убиство на две жени од 1994 до 2000 година и беше осуден на доживотен затвор.

Во март минатата година, тој беше обвинет за убиството на уште 59 жени, кои тој ги призна. Сепак, беше осуден за 56 убиства, зашто истрагата не можеше да докаже дека останатите три жени навистина биле убиени.

Властите соопштија дека дел од убиствата тој ги извршил додека бил на должност, користејќи ги униформата и полицискиот автомобил да ги намами жртвите.

Андреј Чикатило беше осуден на смрт во 1992, а погубен во 1994 година за силување, касапење и во дел од случаите канибализам на 52 луѓе.

Александар Пичушкин, познат како „Убиецот на шаховската табла“ во 2007 година беше осуден на доживотен затвор за 48 убиства.