Втора годишнина од смртта на кралицата Елизабета

Британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила присуствуваа на молитвата во близина на нивниот замок Балморал во Шкотска во неделата во спомен на кралицата Елизабета Втора, на втората годишнина од нејзината смрт.

Проповедникот кој беше поканет во парохијата, пречесниот Шо Патерсон, ја опиша годишнината како „особено значајна и потресна за кралското семејство“.

Седумдесет ипетгодишниот крал Чарлс имаше многу предизвикувачка година со сопственото здравје и со здравјето на принцезата од Велс, Кетрин Мидлтон, кога на двајцата им беше дијагностициран рак.

Присутните на церемонијата велат дека кралот отпозрдравувал со мавтање и учтиво зборувал со малата група обожаватели кои чекале да го видат како влегува во црквата, на втората годишнина од неговото историско наследување на тронот.

Патерсон по едночасовната служба изјави дека му е чест да им проповеда на кралот, кралицата и на остатокот од конгрегација, во која беше и шкотскиот премиер Џон Свини. Го опиша кралот како „познат и сакан“ во локалната заедница Баломорал и дека е „дел од неа“, исто како и покојната кралица.

Познато е дека кралицата Елизабета Втора никогаш не била посреќна отколку кога престојуваше во нејзиниот замок Балморал. Кралицата Елизабета почина во спокојство на 96-годишна возраст на 8-ми септември 2022 година во овој замок.

По повод годишнината, премиерот Кир Стармер ѝ оддаде почит на покојната кралица и „70-те славни години од нејзиното владеење“.

„Денеска се навршуваат две години од смртта на кралицата Елизабета Втора. Посветеноста на покојната кралица кон Обединетото Кралство и Комонвелтот нѐ научи дека без разлика со какви предизвици се соочува земјата, вредноста на служењето е таа што останува“, наведе рече Стармер во пораката на социјалните мрежи.