![М-НАВ](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/11/M-NAV.jpg?resize=510%2C287&ssl=1)
Дванаесет лица, меѓу кои заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори, вчера поднеле оставки на своите позиции во М-НАВ незадоволни од одлуките на тројцата директори за одолговлекување на испраќањето на школување во Данска на нови контролори на летање кои веќе ги поминале сите тестирања. Тие велат дека ќе ги повлечат оставките само во случај ако директорите веднаш не ја променат одлуката и не ги испратат осумтемина избрани на неопходната обука, објави МКД.
Тројцата членови на управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ, објави порталот.
На 20 ноември истекуваат 90 дена од објавувањето на огласот, а избраните кандидати требаше да ја почнат одлуката уште пред седум дена.
Тестирањата и селекцијата ги правел тренинг центар од Данска, а избраните кандидати требало веќе да почнат да се школуваат за контролори за летање, но директорите сметаат дека „селекцијата не е правилна“.
Тестот е од Еуроконтрол, а бил спроведен од данскиот операторот на најпрофесионално ниво: со камери и надзор кандидатот да не препишува или да не го решава некој друг место него, со набљудувачи од Данска и од Македонија, велат во Синдикатот на М-НАВ.
Раководството на М-НАВ сега бара отчет од Данците за сите кандидати – зошто отпаднале и колку бодови освоиле. Синдикатот се сомнева дека раководството го пролонгира процесот за да пропадне огласот и после да ги вработат своите деца без тестирање.
Директорот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди за СДК изјавил дека бара „црно на бело“ дека токму овие осуммина избрани го положиле тестот.
„Тој избор, таа листа, не е поткрепен со аргументи и податоци од економскиот оператор – кој паднал, зошто паднал, со колку бодови не успеал да продолжи понатаму… Можеби некој што освоил бодови, не е меѓу тие 8 и може да тужи“, вели Хамиди.