
Нов реактор во севернокорејскиот нуклеарен комплекс Јонгбјон се чини дека првпат проработел, соопштија во четвртокот агенцијата за нуклеарно следење при Обединетите нации и независните експерти, означувајќи дополнителен потенцијален извор на плутониум за нуклеарно оружје.
Северна Кореја со години користи потрошено гориво од 5 мегаватниот нуклеарен реактор Јонгбјон за производство на плутониум за својот нуклеарен арсенал, но ослободувањето топла вода од поголем реактор со лесна вода сугерира дека и тој е вклучен, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA).
„Ослободувањето топла вода покажува дека реакторот достигнал критично ниво“, изјави шефот на МААЕ, Рафаел Гроси во писмена изјава, што значи дека нуклеарната верижна реакција во реакторот е самоодржлива.
МААЕ нема пристап до Северна Кореја откако Пјонгјанг ги протера нејзините инспектори во 2009 година. Агенцијата сега ја следи земјата главно користејќи сателитски снимки. Без пристап, МААЕ не може да го потврди работниот статус на реакторот, потенцираше Гроси.
Од МААЕ велат и дека од октомври забележале истекување на тешка вода од системот за ладење на реакторот со лесна вода, што укажува на тоа дека реакторот е оперативен. Поновите индикации се дека водата била топла, прецизираше Гроси.
„LWR, како и секој нуклеарен реактор, може да произведе плутониум во своето озрачено гориво, кое може да се одвои во текот на преработката, така што тоа е причина за загриженост“, рече Гроси додавајќи дека е „длабоко тажен“ од напредокот на севернокорејската нуклеарна програма.