Почитувана Екселенцијо!
Во пресрет на турбулентен период во нашата држава од дивергетна природа, Ви се обраќам по втор пат, со цел непосредно да Ве запознаам со коруптивните пукнатини на системот на власт детектирани од мене во изминатите неколку години на активно истражување на одредени системски невралгични состојби.
Имено, истражувајќи ги процесите во областа на образованието каде го поминав мојот целокупен работен век со бескомпромисно вложување успеав да откријам бројни слабости од нормативен и институционален карактер. Но, најтешки и најболни за мене беа персоналните, односно кадровски проблеми кои секојдневно го уништуваат системот кој е важен за просперитет и развиток.
Не постои сегмент од општеството каде нема корупција! Не постои функционер кој со невидена леснотија не се впушта во корупција (исклучоците се редок примерок во природата)!
Почнувајќи од Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири чијашто диплома е нострифицирана после неговиот избор во наставно-научно звање доцент, преку неговиот заменик министер д-р Нухиу Агим, кој напредувал спротивно на Законот за високото образование, а исто е и со пратеникот Арбер Адеми, кој беше поранешен министер за образование и кој незаконски се унапредува во наставно-научно звање доцент, па се’ до главниот прикривач на просветно-инспекциските контроли и надзори ширум низ државата, Африм Салиу… Оваа комедиографија нема крај. Како што впрочем и корупцијата нема крај.
Како е возможно да се подигне нивото на образование со таков калибар на стратешки менаџмент? Не е возможно почитувана експеленцијо! Но, дали постои одговорност за предлагачите од ДУИ до Владата токму овие лица да бидат образовни функционери? Сето ова зборува за фактот дека секаде каде што е ДУИ на позиција мириса на нешто сомнително, но за жал Јавното обвинителство нема ниту еден осомничен фукционер на ДУИ со што дава конкретен придонес за легализирање на криминалот и неодговорност кои се основни принципи на демократијата.
Почитувана екселенцијо!
Неможе да се прикријат образовните криминали кои се прават под водство на ректорот Изет Зеќири на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, каде се унапредуваат повеќе од петнаесет (15) нестручен- несоодветен наставен кадар, и се унапредуваат во наставно-научни звања, спротивно на законската регулатива. За ваквиот образовен криминал на овој универзитет, како и на универзитетот во Тетово или на Струшкиот приватен универзитет, целосна подршка имаат од високи функционери на политичката партија на ДУИ, или оние на Приватниот Славјанскиот универзитет во Свети Николе, ФОН и други приватни универзитети, кои добиваат подршка од политичката партија на СДСМ…
Зарем може да се одбрани или прикрие непотизмот и судирот на интереси, односно конфликт на интереси и сомнеж на коруптивност, каде што сопругата на премиерoт Ковачевски, на владина седница, донесена е одлука фирмата во која сопственички удел има токму неговата сопруга, да добие државно земјиште по цена од 70 денари за еден метар квадратен за изградба на фотоволтаична централа и таа владина одлука ја потпишува никој друг, туку Артан Груби. На сето ова, премиерот Ковачевски не гледа судир на интереси со влијание и ќе изјави дека: „Тоа е нејзина инвестиција“. Срам од еден премиер. По примерот на премиерот Ковачевски оди и Али Ахмети со неговиот син, кој влегува во бизнис со струја, а пред сите овие во ваков бинис со електрична енергија влегува и синот на поранешниот премиер Зоран Заев, па братот на Артан Груби со деловен простор…
Судството наместо заштитник на интересите на граѓаните преку ефективна судска заштита на правата на граѓаните е претворено во „градинка“ на децата на судиите и обвинителите, каде тие се егзистенцијално вдомени (со исклучок на поединци кои со учење, знаење и квалитет се дел од оваа организација) и ги уживаат благодетите на власта. И тоа со високи плати, зголемени за над 70% од овој месец!
Довербата на граѓаните е еднаква на Вашата загриженост за состојбите во Апелациониот суд, но и во целукупниот систем во целина, според мене. Дали да коментирам за состојбите кај Судскиот совет, каде исто така кадрите на ДУИ за да заштитат свои судии го растураат ова тело. Целта е да не се разрешат судии кои се блиски на СДСМ и ДУИ! Како што може да се види, успеваат во таа цел. Никој не зборува за разрешување на конкретни судии за кои е утврдена одговорност за работењето! Оние кои имаат пари, оние кои се платени со тие пари, се тие кои што ја хранат корупцијата и со тоа конкретно ќе ја уништуваат државата.
Дали да посветам внимание за Тендерот за надзор над Коридорите 8 и 10 со енормно високи хонорари за четворица лица? Дали не сте запрашале зошто оваа компанија е избрана за надзор и го доби тендерот? Според мои информации само таа компанија ја прифатила таа висока сума за хонорари, за кои постои сомнеж дека парите понатаму ќе се слеат во други раце. Инаку, зошто некој висок функционер тајно разговарал со фирмите кои биле заинтересирани за овој тендер, зошто ги одбил? И така ќе дојдете до одговорот како се добива тендер во нашата држава.
Артан Груби со плата од 125.000 денари, заедно со Грковска и многуте функционери во време на криза само повеќе ќе ја продлабочи кризата и недовербата кај граѓаните.
Почитувана екселенцијо, верувам во Вас и затоа Ви се обраќам јавно, а со цел да остварам средба со Вас и да доставам мои книги во кои точно е наведено што се случува во нашата држава во услови на владеење на тандемот ДУИ-СДСМ!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес