Српскиот премиер Милош Вучевиќ, изјави во неделата дека обвинителството и полицијата работат на утврдување кривична одговорност за несреќата во Нови Сад, дека нема бегање од одлуката за политичка одговорност и таа објективно ќе се согледа и ќе се утврди во наредните денови.
Премиерот Вучевиќ додаде дека политичка одговорност мора да постои и дека треба да се направи на мирен и одговорен начин.
„Зборував со претседателот на Србија и таа одлука ќе ја донесеме со ладна глава, рационално, а не со твитови и објави на социјалните мрежи“, изјави Вучевиќ за новинарите во Шангај, каде што учествува на кинескиот саем за увоз.
Посочи дека нема бегање од таа одлука и дека ќе биде резултат на одговорна политичка дискусија и објективна проценка на состојбите и дека тука не се работи за кривична, туку за политичка одговорност поврзана со менаџментот на државата, градот, ресорот или некоја фирма, и дека кривичното дело ќе го утврдуваат полицијата и обвинителството, односно судот.
„Ќе видиме каква ќе биде конечната одлука. Не се бега од тоа, не се краде време. Мислам дека најважно е да се разбере болката на семејствата на оние кои настрадаа, да се дозволи она што е дел од обичајот, дел од културата, а тоа е семејствата да можат на мир да ги погребаат и да ги испратат своите настрадани и сите да го почитуваат тоа, рече Вучевиќ.
Рече и дека истрагата е во рацете на јавното обвинителство и полицијата, додавајќи дека бил информиран дека се сослушуваат и земаат изјави од сите кои се во синџирот на одлучување и носење одлуки за реконструкција или работи на железничката станица во Нови Сад.
„Многу работи се непознати во моментов и вистината мора да се каже. Никој не ги има сите податоци бидејќи навистина е многу сложено прашање дали е направено или не, ако е така кога е направено и што е направено, зборуваме за целата железничка станица, потоа како се случи несреќата, што се случи, како е можно конструкцијата да попушти, како е можно наеднаш да попушти’, рече српскиот премиер.
Забележа дека има спротивставени мислења од луѓето од струката и дека градежните стручњаци можат да помогнат и да кажат што се случило.