Вучиќ ја обвини Германија за брутално мешање во изборниот процес

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Врбас изјави дека државните органи ќе реагираат на „мешањето на важна земја“ во изборниот процес во Србија, што според него е направено „на најбрутален начин досега“.

На новинарско прашање што се обидува да направи Германија во Србија, со оглед на „агресивната реторика“ на европратеници и наводите дека Берлин врши притисок врз  членки на ЕУ да бараат повторување на изборите во Белград, Вучиќ рече дека државните органи на Србија „изготвуваат важен документ за напливот и мешањето на важна земја“ во изборниот процес во Србија.

– Верувам дека ќе биде готов за десет дена, до Нова година, а потоа пред православниот Божик ќе можеме да го испратиме до целиот свет за да видат како се врши ваков вид мешање во процеси кои суверено треба да и припаѓаат на една независна држава, рече Вучиќ и додаде дека тоа нема да влијае на завршувањето на изборниот процес.

МНР на Германија на 18 декември објави дека во земја со статус на кандидат за членство во ЕУ, неприфатливи се злоупотреба на јавни ресурси, заплашување гласачи и купување гласови, како што воочиле меѓународните набљудувачи во Србија, потсетува Бета.

„Србија гласаше, но Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) пријави злоупотреба на јавни ресурси, заплашување гласачи и случаи на купување гласови. Ова е неприфатливо за земја со статус на кандидат за членство во ЕУ“, објави неодамна германското МНР на платформа Х.

Претставниците на Канцеларијата на ОБСЕ (ОДИХР), на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на Парламентарното собрание на Советот на Европа и на Европскиот парламент,  рекоа дека за време на изборниот процес во Србија, забележале разни злоупотреби.