Вучиќ ја пречека Силјановска-Давкова во „Прохор Пчињски“

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова го посетија манастирот Свети Прохор Пчињски, по што следеше разговор меѓу двајцата функционери.

Тие остварија билатерална средба на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји.

Во изјава за медиумите претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за гостопримството, истакнувајќи го историското значење на манастирот „Св. Прохор Пчински“ и АСНОМ, и оцени дека билатералните односи меѓу двете држави се добрососедски во вистинска смисла на зборот, односи зад кои стои желба за солидарност, за помош и за трајна соработка.

„Благодарност за разбирањето, бидејќи навистина логично е да го славите денот онаму кадешто се случил. Такви денови има и Србија, споменици, и мислам дека истото треба и ние да продолжиме да го правиме. Можеби еден ден мислам дека е најдобро да го регулираме овој однос со потпишување на еден договор. Тогаш навистина ќе дадеме еден добар пример. Јас сум, како што знаете голем заговорник на регионалната соработка. Убедена сум дека ако не се разбираме едни со други и ако не си помагаме, не можеме да очекуваме да бидеме разбрани од останатите. Затоа, треба да сториме се да ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на зелени маси да се решаваат, затоа што не случајно живееме едни крај други“, рече претседателката Сиљановска Давкова, која се заблагодари и за помошта од Србија во гаснењето на пожарите.

Во состав на државно-црковната делегација која ја предводеше претседателката Сиљановска Давкова на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј.

Двајцата државници заедно го посетија манастирот Прохор Пчињски.

„Ја поздравив претседателката Гордана Силјановски Давкова. Оваа посета претставува одлична можност за зајакнување на партнерството и афирмирање на заедничките вредности на Србија и Македонија со цел напредок и развој на целиот регион. Манастирот Свети Прохор Пчињски е најдоброто место за оваа средба, бидејќи ја симболизира врската меѓу Србија и Македонија, вкоренета во заедничката традиција, култура и предизвикувачки историски околности кои го обликуваа идентитетот на нашите народи.

Благодарен сум на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и митрополит Врањски Пахомиј и игумен на манастирот Архимандрит Методиј, за топлото добредојде и исклучителното гостопримство во ова големо светилиште, кое е место на собирање, поврзување и духовна обнова речиси илјада години. “ напиша претседателот Вучиќ на својот официјален Инстаграм профил.