Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот, среде сообраќајната блокада поради студентските протести во Белград, изјави дека ќе ги исполни сите нивни барања, вклучително и помилување на приведените за време на протестите досега, и најави реконструкција на владата.
Неколку илјади студенти од белградскиот универзитет блокираа една од клучните сообраќајни раскрсници околу 10 часа, продолжувајќи ги протестите со кои властите бараат одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
Вучиќ на прес-конференцијата изјави дека барањата на студентите се исполнети и дека се објавуваат дополнителни документи за реконструкција на станицата. Додаде дека денеска се објавени дополнителни 925 документи, а објавувањето на останатите документи се уште е во тек.
„Дадовме сѐ. Нема повеќе документација што има врска со реконструкцијата на станицата“, рече Вучиќ.
Вучиќ пред новинарите во Палатата Србија изјави дека во наредните денови ќе бидат објавени сите документи за реконструкција на станицата, каде што 15 лица загинаа при падот на настрешницата на 1 ноември 2024 година, согласно 24-те точки објавени од Градежниот факултет во Белград кои недостасуваат во однос на претходно објавена документација.
Зборувајќи за документацијата која вклучува договори со изведувачи и подизведувачи, рече дека тие не биле означени како тајна и дека не му е јасно зошто Владата веднаш не ги објавила. Според Вучиќ, реконструкцијата на железничката станица има вкупно 82 подизведувачи, дека до утре ќе бидат објавени договорите.
Најави дека до среда ќе потпише помилување за сите студенти и професори кои се соочуваат со кривична постапка по нивното приведување и повика на „најитна и најсеопфатна можна реконструкција на владата“.
Премиерот Милош Вучевиќ ги покани сите универзитетски ректори, декани на факултет и студенти на состанок „за да се увери дека се исполнети сите четири барања“. Претходно претседателката на парламентот Ана Брнабиќ најави дека на седницата што ќе започне во среда, на 29-ти јануари, ќе се расправа за гласање доверба на неа и на владата. Повеќето опозициски партии имаат намера да ја бојкотираат седницата.
Вучиќ порача дека бара „најитна и голема“ реконструкција на владата и оти очекува да бидат сменети повеќе од половината од досегашните министри. Пред новинарите во Палата Србија изјави дека „во тешките времиња станало јасно кои членови на владата се подготвени да се борат и да работат, а кои не“.
Според него, подобрувањето на стандардот на граѓаните е најважната задача на секоја власт.