Во септември во Србија ќе се одржат вонредни избори на кои кандидат за премиер ќе биде Александар Вучиќ, актуелниот шеф на државата и челник на Српската напредна партија (СНС), кој веќе бил подготвен да поднесе оставка на претседателската должнот, извести во понеделникот белградски Блиц.
Информацијата доаѓа по денешната седница на партиското раководство на владејачката партија, на којашто Вучиќ одржал „жесток говор“.
„Подобро е да се оди во опозиција отколку државата да ни ја водат партиски и приватни интереси. Подготвен сум да одам на избори како кандидат за премиер, но нема да попуштам под уцена“, изјавил Вучиќ.
Рекол дека СНС е сама во одбрана на државните интереси и дека го има народот со себе.
Вучиќ порачал дека „му е доста од корумпирани луѓе кои сакаат да се збогатат на сметка на партијата, често повикувајќи се на него во нивните матни работи и секогаш кога требало да се борат за државата и народот, тие биле први да го свртат грбот“.