Вучиќ го обвинува Косово за уцена

Првите директни преговори помеѓу Србија и Косово по 20 месеци пауза имаа тежок старт откако Белград ја обвини Приштина дека е нереалистична во своите барања.

По видеоконференцијата изминатиот викенд, српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот косовски премиер Авдулах Хоти се сретнаа на иста маса во Брисел, закажувајќи нова средба за почеток на септември.

„Хоти не дојде да преговара, туку да ја уценува Србија. Дали е пријатно да седите на маса со Хоти и да ги слушате глупостите како тие се единствените жртви, а ние сме единствените негативци? Не е“, кажа Вучиќ.

Тој вели дека дошол на состанокот со цел да се направи чекор напред во решавањето на несогласувањата, но тоа засега не е можно.

„Очигледно е дека разликите за сите важни и стратешки прашања се преголеми во моментов. Тие очекуваат Србија сѐ да прифати преку ноќ“, заклучи Вучиќ.

Хоти беше пооптимистичен по состанокот, изјавувајќи дека бил постигнат напредок на економски план.