Вучиќ го праша британскиот амбасадор во Приштина под чие знаме се фотографирал

Српскиот претседател Александар Вучиќ со твите му се „заблагодари“ на британскиот амбасадор во Косово, Николас Абот, реагирајќи на објаснувањето на дипломатот за средбата со лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, која е одржана во Пришитна под знамето на Албанија.

„Ви благодарам на јасниот одговор. Сите сѐ разбравме“, објави Вучиќ на својот профил на Twitter на српски и на англиски јазик.

Вучиќ претходно преку социјалната мрежа објави фотографија од состаникот на британскиот амбасадор во Приштина, Николас Абот со победникот на косовските избори Албин Курти и неговото движење Самоопределување, пред националното знаме на Албанија.

„На чии избори победија Курти и неговата партија и на која држава е знамето пред коешто, Ваша екселенција, гордо се сликавте со Курти“, напиша Вучиќ.

Следеше одговор од дипломатската мисија на Велика Британија во Приштина дека работата на амбасадата е да соработууива со водечките политички актери на Косово.

Во твитот кој го објави британската амбасада се констатира дека „фотографијата од средбата на амбасадорото и еден од политичките лидери на Косово, привлека регионално внимание“, објави претходно Радио Слободна Европа.

Двете опозициски партии, Самоопределување и Демократска лига на Косово, на неодаменшните предвремени парламентарни избори го освоија првото односно второто место, ставајќи крај на доминацијата на Демократската партија на претседателот Хашим Тачи, која беше во сите влади последните десет години.

Имајќи предвид дека Самоопределување го освои првото место со незначително мнозинство гласови, лидерот Албин Курти веројатно ќе стане нов премиер. Курти ги критикуваше претходните косовски влади, обвинувајќи ги за корупција, но и поради дијалогот со Србија, инсистирајќи дека Приштина премногу попушта.

Поранешната јужна покраина на Србија, во 2008 година еднострано со поддршка на САД и водечките западни земји во ЕУ прогласи независност, која Белград сѐ уште не ја признава.