![vucic-kurti-tablici](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/09/vucic-kurti-tablici.jpg?resize=521%2C327&ssl=1)
„Курти е крив за сѐ што се случи денеска. Само Курти и тие што му дозволиле да се случи ова“. Овие пораки неколку пати ги повтори вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вонредната прес-конференција во врска со немирите на северот на Косово.
„Единствениот виновник, иако тие што му помагаат во тоа се малку виновни, за се што се случува на Косово и Метохија е Албин Курти. Тој е човекот кој го смени Ѓуриќ, иако тоа е против бриселскиот договор.Тој ги остави луѓето сами да се грижат за својата судбина и цело време провоцираше. И жал ми е што дел од Србите паднаа на тие провокации. Албин Курти е единствениот виновен, единствениот сака конфликти и војна Никој друг не сака конфликти и војна, негова единствена желба е да не вовлече во војна со НАТО и тоа е единственото нешто што го прави цел ден“, рече Вучиќ.
Додаде: „Ноќеска околу 2:46 часот група на Срби постави два камиона како барикади, доаѓа тука косовската полиција и доаѓа до престрелка во која е убиен косовски полицаец, и рането едно лице. Според нашите информации, тројца Срби од Косово настрадаа, а постои информација дека е убиено уште едно лице. Пукано е на приватни куќи“, вече Вучиќ.
Српскиот претседател кажа зошто дошло до судир.
„Зошто дојде до ова? Србите се побунија, не сакаат да го трпат теророт на Курти. Не сакам никако да го оправдам убиството на косовскиот полицаец, и тоа е за осуда, и тука нема никакво меѓутоа“, изјави претседателот на Србија.
Вучиќ на прес-конференцијата ја спомена и Македонија.
„Обрнете внимание на уште еден детал. Кога имаше ваков вид на конфликт меѓу Македонија тогашна, денешна Северна Македонија, светот тоа го запираше, правеше разговори и договори, денеска рекоа „убијте ги сите“. Кога Србија одеше во Дреница, да се пресмета со тие кои сакаа отцепување од меѓународно признатите држави, тие рекоа дека тоа се борци за слобода, предводени од Адем Јашари, а не терористи. Само изгледа Србите се секогаш терористи“, изјави Вучиќ во вонредното обраќање вечерва.