Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека косовскиот премиер Аљбин Курти во четвртокот во Брисел извел „добар, но краткорочен трик“. Вучиќ во гостувањето на ТВ Пинк изјави дека „се наоѓаме во своевидна квадратура на кругот, што не е лесно да се реши“.
Зборувајќи за трикот на Курти од Брисел, Вучиќ додаде дека повеќе не може да помине.
„Тој ја претстави идејата за потпишување на сите три документи, бриселски, охридски и ЗСО. Зошто го изнесе тоа, бидејќи беше јасно дека Србија не може да го потпише. Но, тоа беше трик, бидејќи на сите им е јасно дека тој нема да исполни сѐ, туку тоа е за да купи време“, изјави Вучиќ на ТВ Пинк.
Тој додаде дека Курти смета дека тоа е можност да добие време и да продолжи со натамошниот прогон на Србите.
Ништо нема да направи, тоа го кажувам однапред, како што сум кажал стотици пати“, изјави Вучиќ.
Тој повтори дека на соговорниците во Брисел им пренел дека Белград е подготвен да прифати сѐ во дијалогот со Приштина што не се однесува на директно или индиректно признавање на независноста на Косово и негово членство во Обединетите нации и во агенциите во системот на ОН.
Вучиќ на Пинк рече дека имало обиди на „некои од околината западно од Србија“ да внесат мерки против Србија во заклучоците на Советот на Европската унија и да го окарактеризираат чинот во Бањска како терористички, но не успеале.
Претседателот на Србија во четвртокот се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, како и со канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон и премиерот на Италија, Џорџо Мелони.