Вучиќ најави дека уште една земја го повлекува признавањето на Косово, но не ја открива

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска од Минхен, каде што учествува на 59. издание на Минхенската конференција за безбедност, изјави дека уште една земја го повлекува признавањето на Косово, притоа не споменувајќи за која држава станува збор.

„Продолживме со нашата работа и поседуваме уште една нота за повлекување на признавањето на Косово. Тоа би била 27. или 28. земја што ќе го повлече признавањето“, рече Вучиќ од Минхен.

Тој објасни дека договорот бил да поминат десет дена пред да се објави името на земјата која го повлекува признавањето на Косово.

Во изјавата за медиумите, Вучиќ истакна дека денеска во Минхен имал многу добри разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел , британскиот министер за надворешни работи, како и со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Клучната тема беше дијалогот со Приштина, но и нашите билатерални односи, политички и економски, и секако европскиот пат на Србија. Она што е важно е тоа што мислам дека наидовме на почит и на претставниците на САД и на Германија, и Франција, Велика Британија и Грција“, рече тој.

Српскиот претседател најави и дека утре во Минхен ќе разговара со Борел и со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак за продолжување на дијалогот во Брисел.

Вучиќ потврди дека во тек се разговори за претстојната средба со косовскиот премиер Албин Курти која ќе се одржи во Брисел на 27 февруари и додаде дека ќе оди на таа средба да разговара за Заедницата на српските општини (ЗСО).