Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата вечерта, по двете незапаметени масовни убиства седмицава, најави намалување и до 90 отсто од легално издаденото оружје и истакна дека од понеделникот на сила ќе биде едномесечниот повик на Министерството за внатрешни работи граѓаните, без последици, да го вратат нелегалното оружје и муниција.
Во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ во средата на 3-ти мај 13-годишен ученик од пиштолот на татко му уби осум соученици и обезбедувал, а рани уште шест ученици и наставничка. Само ден подоцна 21 годишно момче со истрели од автоматско оружје и пиштол усмрти осум а рани уште 14 лица во три села на подрачјето на белградската приградска општина Младеновац.
„Страшна е трагедијата и огромна тагата којашто ја чувствуваат семејствата на жртвите и сите во нашата земја“, рече Вучиќ во вечерниот дневни на јавната Радио-телевизија Србија (РТС),м со оцена дека државата од овие големи трагедии треба да излезе обединета и да се обиде некои проблеми поинаку да ги реши.
Изразувајќи сочувство на семејствата на убиените ученици во белградското основно училиште и на жртвите во селата кај Младеновац, Вучиќ порача дека „без да се забораваат никогаш жртвите и трагедиите, неславејќи го сторителите туку тие ангелски деца и луѓе кои злосторниците ги убија“, треба да се размислува на кој начин да се спречи и да се избегне „таквите работи никогаш веќе да не се случат“.
Истакна дека државата предвидела „остри мерки коишто темелно го менуваат општеството“, потсетувајќи дека од понеделник на сила е повикот на Министерството за внатрешни работи до сите граѓани без никакви казнени попследииц да го предадат нелегалното оружје и муницијата.
По рокот од еден месец, ќе следат претреси по куќите и становите и заострени санкции, при што нема да бидат толерирани никакви објаснувања или причини за поседувањето нелегално оружје.
„Втората мерка е драстичното, 90-процентното намалување на легалното оружје, во прв ред на ‘кратките цевки’“, истакна претседателот на Србија, појаснувајќи дека тоа се однесува на ловечкото оружје и дека убиствата најчесто се извршуваат со пиштоли.
Во Србија, според податоците на националната асоцијација за оружје, во приватен посед има повеќе од 900.000 парчиња разно огнено оружје, од пиштоли до ловечко оружје, објавија претходно седмицава медиумите во контекстот со двата масакри.
Според податоците од истражувањето од швајцарскиот истражувачки проект Small Arms Survey од 2018 година, процените се дека Србија, покрај Црна Гора, се наоѓаат на третото место во светот според бројот оружја на 100 жители. Истражувањето покажува дека на прво место во светот се САД со 390 милиони парчиња оружје кај населението, а втор е Јемен каде што речиси деценија се води граѓанска војна.