Вучиќ најави нови апсења по вчерашниот терористички напад на израелската амбасада во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека ќе има уште апсења во Србија, дека сега се проверува поврзаноста на сите лица со напаѓачот на полицаецот Милош Јевремовиќ и дека очекува до вторник да се реши најголемиот дел од таа ситуација. Гостувајќи на ТВ Прва, тој нагласи дека се работи за целосно смислен терористички напад и дека ништо не се случило случајно.

„Полицијата немаше одредени сознанија, но обвинителството работеше. Имавме комплетна обработка на лице по налог на обвинителството. Според она што го слушнав, можеби грешам, се беше подготвено, требаше да се дополнат уште некои детали за обвинителот, за да има доволно докази и да продолжи во постапка, т.е. апсењето на лицето“ рече Вучиќ.

На прашањето до кога ќе важи црвениот аларм во Србија, односно нивото на безбедност, Вучиќ рече дека државните органи до вторник ќе го решат поголемиот дел и потоа се ќе биде во ред. На прашањето како ја коментира реакцијата што доаѓа од Германија и коментарот дека терористички напад во Србија не е изненадувачки, бидејќи резолуцијата за Сребреница исцртала мета на челото на државата, Вучиќ рече дека зад тоа стои Ирфан Пеци кој некогаш бил многу радикален во ставовите и дека соработувал со германската тајна служба БНД.

„Ова е без сомнение една од работите за кои не можам да кажам дека директно влијаела. Би лажел, тоа е прашање за истрага, но нема сомнеж дека и ова ќе се истражува како еден од мотивите“, рече Вучиќ.