Вучиќ: Наскоро ќе почнат преговорите за договор за гас со Русија

Преговорите на Белград и Москва за нов долгорочен договор за гас ќе почнат во следните денови, кажа српскиот претседател Александар Вучиќ.

„За каква диверзификација станува збор? Дури за две години ќе добиеме завршен интерконектор, можност од некаде нешто да ѝ се испорачува на Србија, но прашање е што ќе се испорачува, ние градиме бугарски интерконектор од наша страна, Бугарите дури во следните денови ќе распишат тендер, по што за негова изградба ќе бидат потребни најмалку 300 дена“, кажа Вучиќ.

„Германија зависи од рускиот гас 55 отсто, а ние 100 отсто, како и многу други земји. Енергетските ресурси ни станаа голем проблем, наскоро ќе почнеме да преговараме за цената на гасот и сè останато со Русите, по 10 мај“, кажа српскиот претседател и додаде дека руската нафта сочинувала над 60 отсто од увозот на сирова нафта во последниот месец.

Претходно Вучиќ кажа дека српската економија целосно зависи од рускиот гас, поради што Белград се надева дека ќе добие добра цена на претстојните преговори за гас со Москва. Тој истакна и дека Белград нема алтернатива на природниот гас од Русија. Бидејќи на 31 мај 2022 истекува долгорочниот договор за испорака на руски енергенси, Србија сака да потпише нов договор, истакна Вучиќ.