Вучиќ не е оптимист во врска со скорешен влез на Србија во ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ не е оптимист дека неговата земја би можела да стане членка на Европската унија за пет до седум години, како што во тоа верува министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ, но во неделата порача дека Србија мора да истрае на европскиот пат.

Министерката Јоксимовиќ претходно во петокот изјави дека е „сигурна“ дека членството на Србија во ЕУ е „извесно“, само е прашање на „околностите, времето и подготвеност“, како и дека „во наредните пет до седум години“ би можела да смета на прием во Унијата.

„Секогаш сум бил реалист, но Јадранка (Јоксимовиќ) добро ги знае односите во ЕУ. Сѐ зависи од геополитичката ситуација, Кога тоа е во геополитичкиот интерес на ЕУ, тогаш може да добиете статус кандидат и кога малку нешта ќе направите“, рече Вучиќ за новинарите по денешната церемонија на отворањето на аеродромот „Росуље“ крај Краљево.

Вучиќ додаде дека „не е оптимист“, но дека „Србија мора да биде истрајна на патот кон ЕУ“.

„Нашиот пат е европскиот пат и на него мора да бидеме истрајни“, рече Вучиќ оценувајќи дека е најважно Србија да ја „подигне вербата во себе и во својата сила“.

На новинарско прашање за најавената посета на црногорскиот премиер Дритан Аназовиќ на Белград на 29-ти јуни, српскиот претседател рече дека ќе разговараат за сите важни теми, и дека е убеден оти е можно да се „направат подобри односи“ со Црна Гора.