Вучиќ: Никогаш нема да потпишам признавање на Косово или членство во ОН

Александар Вучиќ во вторникот изјави дека сѐ додека тој е претседател на Србија нема да потпише ниту формално, ниту неформално признавање на Косово, ниту членство во Обединетите нации на поранешната јужна српска покраина, додавајќи дека тоа им го кажал на сите eвропски и светски лидери и дека сите го знаат тоа.

Во вторникот, во опширното интервју за Радио и телевизија на Србија (РТС), по средбата во понеделникот во Брисел со лидерите на Европската унија и косовскиот премиер, Вучиќ изјави дека тоа бил „разговор“, но дека ништо не е договорено и дека е прифатен план само за „рамката на преговарачкиот процес“.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во понеделникот доцна навечер соопшти дека лидерите на Србија и на Косово го поддржале предлогот на ЕУ за нормализација на меѓусебните односи и изразија подготвеност да почнат да го спроведуваат.

„Претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска се согласија дека нема дополнителна потреба да се разговара за предлогот за договор за нормализација меѓу Косово и Србија“, рече Борел во понеделникот вечерта по средбата со двајцата лидери во Брисел.

Двете страни „изразија подготвеност да започнат со спроведување на договорот“, додаде тој, и најави нов состанок за анексот во кој ќе биде дефинирана имплементацијата.

Додека, пак, Вучиќ во понеделникот вечерта за медиумите изјави дека ништо не е прифатено и потпишано бидејќи допрва треба да се направи „патоказ за имплементација“, косовскиот премиер Курти тврдеше дека сакал да го потпише текстот, но дека другата страна одбила да го стори тоа.

Не се договоривме, ќе разговараме и ќе има уште разговори. Ништо повеќе од тоа, повтори Вучиќ во вторникот навечер, категорично тврдејќи дека нема да учествува „во спроведувањето на некои работи“, следејќи ги црвените линии на државните и националните интереси.

„Ми рекоа дека нема преговори за ова. Повторувам по петти пат, нема да учествувам во спроведувањето на некои работи. Еве десетти пат да повторам. Им кажав и на (францускиот претседател Емануел) Макрон и (германски Канцеларот Олаф) Шолц и (специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово) Мирослав Лајчак и (високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Јосеп) Борел – додека сум претседател на Републиката, нема да потпишам ниту формално ниту неформално признавање на Косово, ниту членство во ОН“, истакна Вучиќ.

Посочи дека е свесен оти „99,99 отсто од Албанците се за независно Косово“ и дека „таму ништо нема да се промени“, но нагласи дека „никогаш нема да има друга војна“. Нагласи и дека сака да „направи рационални компромиси за да живееме нормално“ со Албанците.

На прашањето каков простор за маневрирање постои со оглед на тоа што европскиот план, кој го поддржуваат и САД, предвидува дека Србија нема да се спротивстави на приемот на Косово во меѓународните организации и дали тоа подразбира и прием во ОН, Вучиќ рече дека „шансите тука нешто да се промени се никакви“.

„Сега треба да направиме план за имплементација и патоказ, да видиме што ќе примениме, но нема да спроведам членство во ОН или нешто слично. Подготвен сум да преговарам за се друго, но нема да го потпишам“, повтори Вучиќ.

Наведе дека во рамките на планот ќе се работи на регулирање на царинските односи и печатите, слободата на проток на стоки, капитал, услуги и други животни проблеми. Дел од имплементацијата на планот ќе бидат посебни права и екстериторијалност за СПЦ на Косово, каде што е официјалното седиште на поглаварот на СПЦ.

За обврската на Приштина од Бриселскиот договор од 2013 година да формира Заедница на српски општини, која ја поддржуваат и САД и ЕУ, а е клучен предуслов Белград да почне да го спроведува планот, тој рече дека „никаде во Бриселскиот договор е предвидено независно Косово, а ЗСО е многу предвидено“, но Курти одбива да го спроведе.

Вучиќ изрази уверување дека Косово нема наскоро да формира ЗСО, „можеби за неколку месеци, можеби многу подолго“, додавајќи дека ќе може да се почне да се зборува за други работи и за спроведување на планот дури кога Приштина ќе го стори тоа.

„Сега за Србија е важно да го заштити мирот, своите деца и своите витални државни и национални интереси“, рече српскиот претседател.