Во обраќање до граѓаните на Србија од Бахреин, српскиот претседател Александар Вучиќ ги коментираше последните најави од Европската унија, во врска со дискриминацијата на руските и кинеските вакцини во однос на дозволата за патување во Унијата, кој масовно се употребуваат во неговата земја.
„Би било неразумно, но ако ја донесат, тоа ќе биде одлично за нас. Како ќе го забранат доаѓањето на унгарскиот премиер кој беше вакциниран со кинеска вакцина? Сега и мене кога слушнав, ме забрзаа да се вакцинирам со кинеската вакцина, а потоа ако не ме прифатат во Брисел, нема ништо од дијалогот со Приштина“, изјави Вучиќ.
Според него, најавата на ЕУ за воведување на ковид пасоши со одобрени за употреба во Унијата е лоша и скандалозна одлука, спротивна на највисоките европски вредности.
Вучиќ наведе дека во тој случај, Србија ќе направи лабораторија за брзи PCR тестови и дека ќе ги издава резултатите за два часа, така што луѓето што примиле кинеска вакцина „може да одат каде сакаат во Европа“.
„Ние од Европа не добивме ниту една вакцина, што значи дека никој од Србија и целиот регион нема да има право да патува во ЕУ,“ потенцираше Вучиќ.
Оцени дека не треба да се мери според бојата на знамето дали ви се допаѓа вакцината.
„Сакам да верувам дека никој во Европа сериозно не размислува за таа одлука. Ако ја донесат, ќе ја разбереме нивната порака и што мислат за нас и за нашиот регион. Нашата земја ќе се развива со молскавична брзина“, заклучи Вучиќ.
Предлогот за воведување на таканаречени „ковид-пасоши“ за слободно движење во рамките на ЕУ, што ќе биде предложен на 17-ти март, ќе важи само за вакцинирање со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Но претходно Европската комисија порача дека и доколку ЕМА даде препорака за руските и кинеските вакцини, тоа не мора да значи дека ЕК ќе ги набави или ќе добијат одобрувања за итно користење. Ова е затоа што неодобрените вакцини нема да бидат опфатени со клаузулата за одговорност и контрола на квалитетот на ЕУ, но американски „Pfizer“ има договор со ЕК според кој одговорноста од евентуалните последици ја презема ЕУ.