Србија ја чекаат многу тешки времиња, односно најтешките откако нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија еднострано во 2008 година прогласи независност, изјави во четвртокот српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Белград.
Вучиќ на заедничката прес-конференција со шефот на руската дипломатија, кој престојува во куса посета на Белград која доаѓа во пресрет на средбата на српските и косовските челници на 27-ми јуни во Вашингтон, рече дека откако ги слушнал руските оцени дополнително е загрижен кога станува збор за плановите за решавањето на косовското прашање.
„Тежок период е пред нас во кој ќе се соочиме со големи притисоци за да се остварат плановите коишто ние не сме ги добиле ниту официјално, ниту неофицијално, но врз основа на оцените на руските пријатели, се чини дека мораме да бидеме претпазливи во следењето на секоја идеја којашто ќе биде претставена“, рече Вучиќ.
„Тешки, тешки, тешки времиња се пред нас и мораме да бидеме обединети, бидејќи само така ќе можеме да ги заштитиме нашите интереси. Нѐ чекаат најтешките времиња во последните 12 години, најтешките од прогласувањето на независноста на Косово и признавањето од над 90 земји“, рече српскиот претседателот.
„Важно е да ја разбереме нашата позиција и да бидеме доволно силни да ги отфрлиме ултиматумите“, додаде Вучуќ.
Им се заблагодари на руските партнери затоа што во Советот за безбедност при ОН и во другите меѓународни организации и форуми ја поддржуваат позицијата на Србија и интегритетот на неговата земја.
„Се договоривме на дневно ниво да разговараме, да се консултирама и доколку некогаш се дојде до некое решение, да биде неопходна и согласноста на Руската Федерација, и поради Советот за безбедност на ОН и затоа што ние не сакаме некои други да бидат прашувани а Руската Федерација никој да не ја прашува“. Истакна Вучиќ.
Додаде дека Србија го поддржува дијалогот со Приштина под покровителство на ЕУ, дека е подготвена да ги сослуша предлозите, но дека ќе умее да ги заштити државните и националните интереси, без оглед на тежината на цената којашто ќе мора да ја плати.
Вучиќ притоа најави дека многу скоро ќе отпатува во Москва каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а веднаш по изборите српската делегација ќе отпатува на разговорите во Вашингтон.
Москва ќе го поддржи она што ќе го договорат Белград и Приштина
„Ставот на Русија во однос на пршањето за Косово и Метохија не се менува и денеска уште еднаш потврдивме дека ќе ги поддржиме сите чекори и иницијативи коишто навистина ќе им помогнат на Белград и Приштина да постигнат заемно прифатливо решение врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот на безбедност при ОН“, порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Истакна дека Москва нема да дозволи никакви крајни рокови за решавање на косовското прашање. Лавров додаде дека Русија тргнува и од тоа дека ЕУ, којашто има мандат да биде посредник во дијалогот, не смее да биде „изолирана“ од своите обврски, како и дека решението мора да биде потврдено во Советот за безбедност во ОН.
Вучиќ и Лавров информираа дека разговарале за сите важни билатерални теми и економските односи на двете земји. Вучиќ пред новинарите повтори дека економската размена на Србија со Русија е на ниво од 3,6 милијарди долари и дека „константно се зголемува“, а ги спомена и заедничките проекти како што е изградбата на гасоводот како крак на Турски тек и железничката пруга кон Будимпешта.