Вучиќ разговарал за „стратешки прашања“ со Додик и патријархот Порфириј во манастир во БиХ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во четвртокот дека со лидерот на босанските Срби, Милорад Додик и со патрјархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј во текот на денот во манастир во Босна и Херцеговина разговарал за „прашања од стратешки интерес“ за Србите, но одби да прецизира што тројцата соговорници договориле.

Вучиќ допатува во дводневна посета на БиХ, а во четвртокот со Додик и Порфириј зад затворени врати се стретна во манастирот Островица близу местото Србац, во ентитетот Република Српска.

Српскиот претседател потоа за новинарите само ја даде информацијата дека состанокот бил толку „важен и таен“ што тројцата соговорници „насамо и без мобилни телефони“ разговарале „за стратешки работи“.

„Важно е луѓето да знаат дека ситуацијата е тешка“, рече Вучиќ.

Рече и дека притисоците врз Србите во овој период се „многу сериозни“, а дека особен проблем престатуваат западните санкции кои се воведуваат против српските функционери, како што е Додик и неговите најблиски соработници, како и против шефот на српската разузнавачја агенција БИА, Александар Вулин.

„Тоа не престанува прекуноќ, големи се финансиските и економски притисоци“, изјави Вучиќ кој за себеси рече дека е како „шахист кој игра со ограничен број фигури, па нема многу комбинации“.

Српскиот претседател рече и дека Србија го почитува територијалниот интегритет и суверинтет на Босна и Херцеговина, но дека досега не и нема да ѝ го сврти грбот на Република Српска.

Додик од своја страна, пак, за новинарите рече дека тој и Република Српска не го уриваат Дејтон, договорот со кој запре војната во БиХ во 1990-те години, туку дека тоа го правеле Бошњаците и дипломати од САД и од Велика Британија.

Истакна дека против Србите, како и против Русија, се води пропагандна вода за да бидат оцрнети, а притоа за тоа особено ја обини Германија.

Вучиќ и Додик во петок во Бања Лука ќе ги предводат делегациите на состанокот на Советот за соработка меѓу Србја и Република Српска, а потоа заедно ќе учествуваат во одбележувањето на 4-ти август во Приједор кој Србите го одбележуваат како Ден на прогонувањето на Србите од Хрватска.