Олаф Шолц остро побара Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ на прес-конференцијата по средбата со германскиот канцеларОлаф Шолц кој денеска е во посета на Србија како дел од балканската турнеја, јави Н1.
„Разговаравме за целокупната политичка ситуација во Европа и светот, а тој отворено и остро побара да се приклучиме кон санкциите“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека зборувал за традиционалните врски меѓу Србија и Русија, но и за претстојната зима.
„Му благодарам што понуди помош во енергетиката и рударството“, рече меѓу другото претседателот на Србија и додаде: „Никогаш не ги кријам темите за кои разговаравме“.
Германскиот канцелар изјави дека разговорот практично е продолжение на оној одржан во мај во Берлин.
Тој имаше неколку забелешки на темата евроинтеграции и истакна дека Берлинскиот процес е многу важен за Германија.
Потоа ја спомна војната во Украина и големите последици од руската инвазија на таа земја.
„Ова е ужасна бесмислена војна. Затоа е важно да и помогнеме на Украина да се одбрани од напади. Дел од она што го направивме е да наметнеме санкции. Затоа е важно што е можно повеќе земји дополнително да воведат санкции на вооружувањето. На тој начин Украина може да ја одбрани својата земја. Затоа санкциите се важни и имаат ефект. Очекуваме сите земји кандидати за членство во ЕУ да се приклучат на санкциите против Русија“, рече Шулц.
Тема на разговор беше и дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Шолц рече дека ги повикал лидерите да постигнат напредок и да го подобрат дијалогот.
Тој повтори дека соработката со Србија и земјите од регионот е важна.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја почна дводневната турнеја низ Западен Балкан, со посета на Србија и Косово.
Вечерва, ќе отпатува за Грција на покана на неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис каде во Солун ќе присуствува на вечера со претставниците на земјите о регионалната иницијатива „Процес за соработка во Јогоисточна Европа“ (ПСЈИЕ).
По престојот во Грција, утре Шолц треба да го посети Скопје, а оттука да замине и за Софија.
Во фокусот на неговата балканска турнеја, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан и придонесот на Германија за подобрување на регионалната соработка и надминување на билатералните блокади. Покрај тоа, клучна тема на разговор ќе биде, како што е соопштено во Берлин, заедничката реакција на руската агресија врз Украина.