
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ објави на својот профил на Инстаграм порака со која им се обрати на Србите во Црна Гора.
Вучиќ порача дека притисоците врз Србија околу Косово се очекувани, како и дека за одлуката на црногорскиот парламент уште ќе се расправа и дека Србија секогаш ќе се залага за интересите на српскиот народ во Црна Гора.
-Му порачувам на нашиот народ кој живее во Црна Гора дека сме со нив. Наше е да ја држиме главата кренато, да се бориме и да го градиме мирот. Да живее Србија и српскиот народ – порача Вучиќ на Инстаграм.
Тој се осврна на одлуката на црногорскиот парламент да усвои резолуција за геноцид во Сребреница.
-Почитувани граѓани на Србија и српски народе. Во претходните денови и недели бевме изложени на големи притисоци. Ги очекувавме од сите оние кои учествуваа во обидот за создавање на таканаречено независно Косово, и од сите оние на кои не им паѓа лесно фактот дека Србија напредува најбрзо во својата историја. Ги очекувавме од сите оние кои токму затоа сакаат Србија да ослаби, но не ги очекувавме од оние кои секогаш ни биле најблиски – вели Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека неговата порака до српскиот народ, каде и да живее, е дека „мора да ги издржи нападите и притисоците“.
-Не се наши ни срамот ни вината, само треба да ја држиме главата крената високо, да работиме што е можно повеќе и да се бориме уште посилно. Да се бориме за својата Србија и сите наши граѓани, никого да не навредуваме и никому да не му го правиме она што нам ни го прават – истакна Вучиќ.