Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој учествуваше на самитот Брдо-Бриони во Скопје, изјави дека на таа средба се разговарало за европската иднина на регионот, за која кај едни има поголем ентузијазам, а кај други помалку. Тој рече дека денот поминал во конструктивна дискусија и дека во декларацијата стои дека е потребно членство на регионот во ЕУ што поскоро, а најдоцна до 2030 година.
„Тоа се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да ја намалам амбицијата на некои други. Супер ако е така, но не сум сигурен“, рече Вучиќ.
Тој објасни дека на средбата се разговарало за тоа што може регионот да побара од ЕУ, од различните иницијативи за роаминг до воспоставувањето „зелени линии“ и заеднички пазар.
Во Скопје немало конкретни одлуки.
„Што очекувате Хрватска и Словенија да направат повеќе од она што ќе го кажат Берлин или Париз? Луѓето сакаат да помогнат, благодарам за тоа и – тоа е тоа. Не знам што очекувате како одлука денеска, одамна нема такви конкретни одлуки – рече претседателот на Србија и додаде дека конкретните одлуки за Украина ќе бидат донесени до крајот на годината.
„Тие ќе добијат датум и ќе добијат нешто друго, а претпоставувам дека ќе добие и Молдавија. А ние, сираците од Балканот, ќе видиме како ќе биде за нас“, рече претседателот Вучиќ.