Вучиќ: Во светот сега има мало разбирање за позицијата на Србија

Кризата поради војната во Украина драматично ја погодува Србија и ништо не е исто како пред пет дена, не се во прашање принципите и односот на Србија, туку околностите кои нѐ доведоа до оваа ситуација, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во јавно обраќање и како најважно најави дека се можни измени на Резолуцијата 1244 за Косово на ОН.

Тој смета дека имало неколку стапици за Србија, Албанците (Косово) поднеле барање за членство во НАТО, а тоа го поддржа и Турција. Исто така, евентуалното протерување на Русија од Обединетите нации, а потоа и притисокот врз Кина да ја промени резолуцијата 1244, по што таа немало да биде основа за одбрана на територијалниот интегритет на Србија.

Вучиќ нагласи дека станува збор за „неверојатни околности кои нѐ доведоа во тешка ситуација“. Тој додаде дека разговарал со „претставниците на сите големи земји во светот“.

„Очекувам дека ќе има неколку замки за Србија во наредниот период. Видовте дека Албанците се пријавиле да станат полноправна членка на НАТО. Видовте дека следниот чекор ќе биде исклучување на Русија од Обединетите нации. Тоа го велам поради она што нам ќе ни следи. Албанците од Косово планираат да предложат протерување на Русија од Обединетите нации врз основа на член 6 од Повелбата на ОН. После тоа, се планира да се изврши притисок врз Кина да ја смени резолуцијата 1244, а доколку тоа се случи, ние веќе нема да можеме да се повикуваме на меѓународното право, а потоа сите што не го сториле тоа ќе го признаат Косово“, рече тој.

Тој нагласи дека Србија во последните денови ги зачувала своите принципи и дека не може да воведе санкции кон Русија.

„Секогаш сме се приклучувале кога станувало збор за уривање на територијалниот интегритет на (Украина)“, додаде тој, додавајќи дека позицијата на Србија ќе биде уште потешка во наредните денови.

Тој посочи и дека Србија денеска се приклучи кон осудата на нападот врз Украина на седницата на Генералното собрание на ОН и дека во текстот на резолуцијата не се споменуваат никакви санкции, туку Србија морала да го осуди нападот врз суверена земја.

„Мислам дека ова е само почеток и тоа сакам да им го кажам на граѓаните на Србија. Притисоците врз нашата земја ќе бидат огромни. Верувам дека ќе бидеме сведоци на целосно уништување на постојниот светски поредок“, рече претседателот на Србија.

Тој на прес-конференцијата изјави дека му е тешко да систематизира сѐ што сакал да каже и дека никогаш не му било потешко во последните десет години. Тој изјави дека во изминатите 48 часа разговарал со многу претставници на САД, ЕУ, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, размениле пораки за сите важни прашања – од гласањето за декларацијата и резолуцијата до санкциите наметнати на Русија.

На прашањето што содржат притисоците за кои тој зборува, тој рече дека во разговорите претставниците на ЕУ не го спомнале одземањето на кандидатскиот статус за ЕУ, ниту Косово.

Тој рече дека нема да може да се одземе кандидатскиот статус на Србија, но дека во ваков свет се е можно. „Се надевам дека ова лудило ќе помине, но се плашам дека нема“, изјави Вучиќ.

Тој им се заблагодари на претседателот на Европската комисија и на претседателот на Европскиот совет, но и на претставниците на Соединетите Американски Држави што сакаат да го слушнат бидејќи, како што вели, гледа и знае дека нивното јавно мислење нема трпение да слушне каква било поизбалансирана позиција од најтврдиот став против Русија.

„Од петокот, кога последен пат зборував, се случија бројни промени, целиот свет стана поинаков за само три до пет дена. Буквално веќе ништо не е исто. Сè што живеевме до вчера, мислевме дека знаеме, наеднаш веќе не личи на она низ што поминуваме денес. На светската политичка сцена се случија тектонски промени. Србија е во исклучително тешка ситуација. Денес има помалку разбирање од кога било за позицијата на Србија и нашиот народ каде било во светот“, рече Вучиќ, додавајќи дека не станува збор за принципите на српската политика, исправноста на српската позиција, туку за речиси неверојатни околности што ја доведоа Србија во многу тешка ситуација.

„Ќе го зачуваме мирот во регионот и ќе бидеме попустливи и нема да одговараме на секојдневните провокации од Приштина и другите делови од регионот“, рече Вучиќ и додаде дека можеме да поминеме тежок период само ако сме заедно. не смееме да заборавиме дека Србија е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија.

Српскиот претседател рече дека меѓународното право никој никаде не го почитува, освен Србија  и уште две-три земји.

Запрашан како реагира „на ножот во грб на Турција за Србија“ поради предлогот Косово да влезе во НАТО, тој рече дека е подготвена нота за Турција, но дека сѐ уште не знае дали ќе биде проследена.