Вучиќ во интервјуто кое го дал за време на посетата на Брисел, каде се сретнал со лидерите на ЕУ, кажа дека не сака да го коментира обвинението на Специјалниот суд за злосторствата на УЧК против Тачи.
Тој истакна дека сака придвижување на дијалогот со посредство на ЕУ во односите на Белград и Приштина, кој е во застој повеќе од една година.
ЕУ, потсетува Политико, сигнализираше дека планира да го рестартира дијалогот во јули.
„Не сакаме да потпалуваме уште повеќе политички или физички конфликти меѓу Србите и Албанците, а тоа е и најдобриот начин да ја заштитиме безбедноста на Србите кои живеат на Косово“, кажа Вучиќ на прашањето за предлог обвинението против Тачи.
Тој кажа дека Белград треба да го продолжи процесот на дијалогот со кого и да го избере албанската страна за свој претставник.
„Мора да се продолжи. Во спротивно, што би можело да се случи? Што би била перспективата за целиот регион?“, праша Вучиќ.
На прашањето дали ќе се сретне со Тачи ако тој биде вклучен во разговорите, Вучиќ кажа:
„Тоа не зависи од мене. Секогаш можам да кажам дека нема да разговарам со некој кој е обвинет за воени злосторства, но не сум јас тој, тоа ќе го изберат албанските лидери, тоа зависи од нивниот народ“.
Кога станува збор за европските интеграции, Вучиќ кажа дека неговата цел е Србија да стане членка на ЕУ во 2026 година, а преговорите да ги заврши во 2024.
На прашањето дали има каков било сомнеж во целта за членство во ЕУ и дали наместо придружување можеби повеќе би сакал блискост со ЕУ, Вучиќ кажа:
„Да кажам искрено, ние би сакале да станеме членка на клубот“.