Вучиќ: Ако се договориме со Приштина добро, ако не – пак добро

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека би сакал проблемот со Косово да се реши „еднаш засекогаш“, но констатираше дека решението е далеку и дека според негова проценка Белград нема да добие ништо во преговорите со Приштина.

Ако не ни дадат ништо, што да правиме… Јас, ако смеам да прогнозирам – така и ќе биде, кажа Вучиќ.

Тој кажа дека е важно да се бори за рационално и реално решение за Косово кое ќе овозможи интересите на Србија да бидат уважени.

Ако можеме да се договориме добро, ако не – пак добро, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека поради таквата ситуација ќе бидат „среќни“ неговите политички противници, бидејќи во спротивно би биле „несреќни ако Србија добие нешто значајно“.

Вучиќ кажа и дека е „горд“ кога гледа како го напаѓаат луѓе од Европа и светот, и Албанци и Срби и дека нему му е важно граѓаните да знаат што сакал во одреден момент и што можел да оствари.

Нека ценат луѓето дали сум бил во право за 30 и 40 години, ќе видите, ќе кажат, оној Вучиќ беше во право за сѐ што зборуваше, кажа српскиот претседател.

На прашањето за што тоа бил во право, Вучиќ кажа дека тоа се однесува на фактот дека освен српски и албански, постојат странски интереси и интереси на нивните разузнавачки служби.

Вучиќ кажа дека тој ги разбира сите кои се против идејата за разграничување, како и дека тоа е ставот на германската канцеларка Ангела Меркел, но дек не ги разбира „нашите луѓе“ кои сакаат „да пропадне Вучиќ, макар пропаднала и Србија“.