Вучиќ и Тачи во Братислава со различни толкувања за косовското прашање

92

Српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи денеска во Братислава, во рамки на меѓународната конференција „Глобсек“ говореа за дијалогот за нормализација на односите, а на панелот присуствуваа и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и директорот на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) за западна Европа, западен Балкан и Турција, Анѓелина Ајхорст.

Вучиќ на почетокот на дискусијата изјави дека Приштина и Србија имаат различни толкувања за територијата на Косово и дека е песимист за постигнување на договор со Приштина, но и дека тоа не значи дека нема да стори сé за одржување на мирот и стабилноста во регионот и дека ќе се обиде да најде некое решение .

Според него, властите во Приштина и албанското население сметаат дека Косово им припаѓа ним и дека е независна држава, а според српскиот Устав, Косово е територија на Србија.

„Тачи рече дека таксите се наметнати против Србија поради нашето агресивно однесување, а ние само ја вршевме нашата работа, а тоа е борба против членството на Косово во УНЕСКО и Интерпол. Не направивме ништо агресивно со што го загрозивме албанскиот народ. Не направивме ништо за да им наштетиме. Единственото прашање е дека не се согласуваме за прашањето на статусот, и тоа според нив е агресивно однесување на Србија“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател го негираше тврдењето на Тачи дека во Бриселскиот договорот се наоѓа одредба со која Србија нема да го блокира Косово на патот кон членството во меѓународните организации, додавајќи дека тоа е нешто што се наоѓало во нацрт-законот, но не и во финалниот документ во кој се наведува дека двете страни нема да се блокираат меѓусебно на европскиот пат, така што ова важи само за ЕУ, но не и за УНЕСКО и за Интерпол.

Вучиќ оцени дека дури и пред изнесувањето на каков било предлог за конечно решение, целата меѓународна заедница „ги осудила” и сите сакале да видат решение како што тие посакуваа, а никој „ништо не ги праша нив “.

„Половина свет го призна Косово, а половина не го призна. Тоа значи дека треба да најдеме решение. Ако политичката ситуација денес е толку лоша што не можеме тоа да го направиме, тогаш тоа значи дека некои други одговорни луѓе треба да го направат тоа во иднина. Се надевам дека ќе има храбри луѓе не само во Белград и Приштина, туку и во светот со цел да прифатат компромисни решенија, а не решенија во нивна полза. Но, ние треба да најдеме решение и ова треба да биде решение кое и двете страни ќе го прифатат“ , кажа Вучиќ во своето излагање.

Хашим Тачи, од друга страна, смета дека договор може да се постигне оваа година и дека тој мора да биде сеопфатен и меѓународно признаен.

Оцени дека маратонскиот процес на дијалогот е во криза поради „непотребното условување” од Белград за укинување на таксите, но оти тој верува дека следните денови и недели, до состанокот во Париз, ќе бидат одлучувачки за позитивниот исход на процесот и за договорот.

„Се разбира, без граници по етнички линии и ова ќе се заврши со реципрочно признавање. Знам дека таков договор носи поголем мир и стабилност во Западен Балкан, ќе придонесе и за признавање на Косово од страна на петте членки на ЕУ кои не го признаа Косово, но исто така ќе отвори пат за членство во НАТО, во ЕУ и во ОН“, рече Тачи.

За време на престојот во Братислава, Вучиќ ќе има одделни билатерални средби со в.д. помошникот државен секретар за Европа и Евроазија на Сад, Филип Рикер, сенаторот и претседател на Одборот за внатрешна безбедност и владини работи на Сенатот на САД, Рон Џонсон, соопштија од кабинетот на српскиот претседател.

Вучиќ најави дека в сабота ќе разговара и со германската канцеларка Ангела Меркел, при што главната тема на разговорите ќе биде Косово.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.