Вучиќ: Нема доволно материјални докази за да се уапси убиецот на Јелена

Премиерот на Србија Александар Вучиќ денес изјави дека е сигурен дека убиецот на пејачката Јелена Марјановиќ нема да пројде неказнето и дека полицијата, како и во други случаи, ќе си ја заврши работата, пренесува српски „Курир“.

Сигурен сум дека и во овој случај ќе откриеме се и дека убиецот на Јелена Марјановиќ нема да помине неказнето. Нема ниту еден голем случај во последните две или три години, а полицијата да не си ја завршила работата, рече Вучиќ пред новинарите во Врање.

На прашањето дали има нови информации поврзани со убиството и со тоа дали може да ја појасни неговата претходна изјава дека се знае кој е убиецот, Вучиќ негирал дека рекол дека убиецот е познат.

Јас реков дека мислам дека полицијата ги исклучи сите други можности, но дека нема материјални докази што би биле доволни за обвинителството да отпочне постапка, рече Вучиќ.

Тој додаде дека не знае повеќе информации за тој случај.