Вучиќ попушти, се врати во Косовска Митровица

Српскиот претседател, Александар Вучиќ попушти и се врати во Косовска Митровица, откако косовската полиција не му дозволи да го продолжи патот кон село Бање каде Вучиќ требаше да им се обрти на селаните.

Тој на жителите на Бање им се обрати по телефон, а тие го слушаа на селскиот разглас.

Не можам да дојдам, а уште помалку да ги ризикувам вашите животи. Жал ми е што не можам да дојдам, но тоа е така бидејќи тоа не го сакаат локалните власти, рече Вучиќ.

Косовската влада од безбедносни причини утрово формално ја откажа посетата на Вучиќ на селот Бања, но тој, сепак, тргнал натаму и покрај забраната. Косовската полиција го запре српскиот претседател, Александар Вучиќ на патот Зубин Поток- Бање и го забрани неговото понатамошно патување кон Бања. Полицајците го предупредиле Вучиќ дека на два километри од местото има блокади на патот и дека не може да помине.

Претседателот го напуштил автомобилот и со своите соработници и со раководството на српските општини на Косово, отишол во соседната зграда во ова српско село, каде што донеле одлука да се врати во Митровица. Вучиќ претходно требаше да оди во селото Бања по магистралниот пат  Косовска Митровица- Србица, но и таа рута беше блокирана од поранешни припадници на ОВК.

На пат кон селото се блокирани сите патишта, запалени се барикадите на кои има дрва и трактори, а од пет локации се слушаат рафали од огнено оружје. Протестите наводно ги организирале претставници на општините  Србица, Глоговац и Дреница.

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин рече дека одговорност за состојбата има претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весељи, кој ја подгреваше атмосферата во деновите пред посетата и се закануваше.

Портпаролот на меѓународните сили во Косово (КФОР), Винченцо Грасо изјави дека во координација со институциите на Косово и полицијата на Косово, работат на смирување на ситуацијата, како и за безбедноста на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Никој не му се заканува на Вучиќ. Неговата безбедност е загарантирана, изјави Грасо за порталот „коха.нет“.