Српскиот претседател Александар Вучиќ повторно во срадата претпладнето ја изрази подготвеноста на Србија да изнајде решение со својата отцепена поранешни јужна покраина Косово, а решавањето на косовскиот проблем го спореди со партија шах во којашто Белград „игра без кралица и топ“.
„Ние играме партија шах без кралица и топ и се обидуваме да извлечеме реми. Нашиот крал да го стераме в ќош, а нивните пешаци да не ни дозволат да се движиме и да извлечеме реми“, изјави шефот на српската држава Александар Вучиќ гостувајќи на претпладневата прграма на Радио-телевизија Србија (РТС) по враќањето од Берлин, каде што во вторникот се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел.
Вучиќ притоа рече дека канцеларката Меркел го сослушала она што имал да ѝ го каже за решавање на косовското прашања, но истакна дека не мисли дека времето работи за Србија.
„Јас можам да станам од таблата, но замрзнатата позиција нема да ни ги врати ниту кралицата, ниту топот“, рече Вучиќ.
Коментирајќи ги најавите за дипломатската офанзива од страна на Приштина за преостанатите пет земји членки на Европската унија да се убедат да ја признаат еднострано прогласената независност на Косово, српскиот претседател рече дека тоа е „смешно“ и оти „сето тоа се нивни интерни игри“.
Вучиќ најави дека во четвртокот во бугарската престолнина Софија ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, и со косовскиот претседател Хашим Тачи.
„Ќе се сретнам со сите нив утре во Софија, ќе разговараме. За она што ние го правиме тука во Србија потребна е голема сила и потребна е храброст, затоа што сите ‘кибицери’ одгоре само чакаат кога ќе ве плукнат“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател истовремено не гледа дека функционерите во Приштина покажале посветеност кон компромисното решение.
„Кога станува збора за Приштина, јас не ги гледам нивната сила ниту нивната посветеност, но се надевам дека ќе ги има во иднина. Ова не е прашање за еден ден или од два месеца, и ништо нема да се реши ниту за еден ден, ниту за месец или два“, рече Вучиќ оценувајќи дека станува збор за „голем процес“ во кој Србија мора да размислува за себеси, да види што е реално и дали до тоа може да се дојде или не.
Вучиќ по вторничните разговори со Меркел во синоќешното интервју за каналот ТВ Прва рече дека Србија, доколку Белград и Приштина до 2019 година потпишат „правно обврзувачки договор“, ќе ги добие сите гаранции за влегување во Европската унија до 2025 година.
Српскиот претседател потврди дека за тој договор разговарал со германската канцеларка, но дека на хартија се’ уште нема ништо. „Доколку го потпишеме тој договор, ќе ги добиеме сите гаранции, а гаранциите кои ги добиваме во Берлин се гаранции во коишто јас најмногу верувам“, рече Вучиќ.