Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во текот на тридневната посета на Москва дека Русија е подготвена да се вклучи во дијалогот меѓу Белград и Приштина, доколку форматот на овие преговори биде променет и во посредувањето меѓу двете страни се вклучат и САД, чијашто поддршка ја бараат косовските Албанци.
Како што пренесуваат во средата белградските електронски медиуми, српскиот претседател Александар Вучиќ рекол дека од рускиот претседател Владимир Путин, со кој имаше долг разговор во вторникот, добил потврда дека руската страна е подготвена да учествува во српско-албанските преговори за нормализација на ситуацијата на Косово, доколку има обиди да се прошири форматот на дијалогот и во него да се вклучат САД.
Косово не е задоволно од посредувањето на Европската унија во разговорите со Србија и сака во та да се вклучат и САД, изјави на 8-ми декември косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
„Нема да седиме на иста маса со Европската унија без Америка“, рече за косовските медиуми тогаш Харадинај.
Додаде дека косовската Албанци „не постигнале ништо“ преку повеќегодишното посредување на ЕУ во нормализација на односите со Србија чијашто поранешна јужна покраина Косово и Метохија беше , и од којашто албанските власти во Приштина во 2008 година со поддршка на САД и главните земји од ЕУ еднострано прогласи самостојност.
„Постигнавме некој вид договор, доколку има обиди и намери да се шири форматот на учесниците и посредниците во разговорот меѓу Србите и Албанците, Белград и Приштина, доколку Американците би сакале да станат дел од овој формат. Прашавме дали би смееле да кажеме дека од нашата страна да се вклучи Руската Федерација и тој (Путин) потврдно одговори“, изјавил Вучиќ на средбата со претседателката на Советот на Федерацијата, Валентина Матвиенко.
Вучиќ и Путин во вторникот разговараа повеќе од два и пол часа во Москва и пота одржаа заедничка прес конференција, на којашто рускиот претседател истакна дека Русија го поддржува територијалниот суверенитет и целоста на Србија, политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина и заедничката одлука која би била во интерес на двете страни, согласно со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Како што рекол Вучиќ, доколку Албанците ги сакаат Американците во преговорите, српската страна ќе бара на масата да седат и претставници на Русија „за тие преговори да имаат валидност“.
„За нас тоа е логично, бидејќи Русија не ја призна еднострано прогласената независност на Косово. Само бараме рамноправен однос по тоа прашање. За ова не можевме претходно да зборува, бидејќи немавме зелено светло од руските државни органи. Сега имаме и за тоа можеме да зборуваме“, ја цитира изјавата на Вучиќ од Москва српската новинска агенција Танјуг.
Српскиот претседател ја предводи бројната државна делегација во тридневна посета на Русија, а во вторникот беа потпишани повеќе меѓудржавни договори, меѓу кои и анекс на договорот од 2012 година со кој на Србија ѝ се овозможува реизвоз на рускиот природен гас, како и за продолжување на соработката во наменската воена индустрија.