Вучиќ свика вонредна седница на Советот за безбедност

Претседателот на Србија Александар Вучиќ претседава со вонредна седница на Советот за национална безбедност, јавуваат српските медиуми.

На состанокот присуствуваат српската премиерка Ана Брнабиќ, министрите Небојша Стефановиќ, Ивица Дачиќ, Нела Кубуровиќ, Александар Вулин и шефот на безбедносната агенција Братислав Гашиќ.

Седницата беше закажана за утре претпладне, но поради вонредните околности на Косово се одржува вечерва.

Српскиот претседател ја презакажа итната седница на Советот за безбедност на Србија по апсењето на директорот на канцеларијата за Косово и Метохија Марко Џуриќ во Косовска Митровица, кој потоа беше префрлен во Приштина, а според последните информации бил „депортиран“ во централна Србија.

Српските медиуми јавуваат дека Вучиќ набрзо по апсењето на Џуриќ телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за денешните случувања на Косово, а потоа разговарал и со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.