Култниот американски режисер Вуди Ален, кого американската филмска индустрија го изгони поради обвинувањата за сексуално злоставување, иронично на Венецискиот филмски фестивал вети дека повторно ќе снима во Њујорк доколку „некој биде доволно луд“ да го финансира.
„Кога бев млад, филмовите кои најмногу нѐ импресионираа беа европските филмови – француските, италијанските, шведските… Сите сакавме да снимаме филмови како Европејците“, рече Ален пред премиерата на неговиот 50-ти филм вон фестивалската конкуренција, прв на француски јазик под наслов „Coup de Chance“.
Со овој филм, додаде 87-годишниот режисер, „се чувствувам како вистински европски синеаст“.
Големиот мајстор на хуморот и општествената сатира, Вуди Ален одамна не снима во САД, бидејќи филмската индустрија таму му го сврте грбот по дамнешното обвинување од неговата посвоена ќерка Дилан Фароу за наводно сексуално злоставување. Режисерот од самиот почеток ги отфрлаше обвинувањата, беше покрената истрага која не ги докажа тие тврдења, но за некои остана симбол за сексуално насилство.
Во својот сакан град последниот филм го сними во 2019 година, „Дождлив ден во Њујорк“, со младиот актерски талент Тимоти Шаламе и Селена Гомез. Актерите поради соработката со Ален беа на ударот на гневни критики.
На прашањето дали повторно ќе снима во Њујорк, одговори „Имам добри идеи за Њујорк и доколку некој тип/ови излезат од сенката и речат океј, ќе го финансираме вашиот филм и се согласат на сите мои барања – не можат да го прочитаат сценариото, не смеат да знаат кој глуми и само да ми дадат пари и да си заминат. Ако некој е доволно луд да се согласи на тоа, тогаш ќе снимам филм во Њујорк“, рече Ален.
Комедијата „Coup de Chance“ снимана во Париз потсетува на „Match Point“. Станува збор за приказна за двојка чијшто однос доаѓа во прашање по враќањето на поранешен училишен колега на сопругата. Снимен е есента 2022 година, а во филмот играат Нилс Шнајдер, Лу де Лааж, Валери Лемерсие и Мелвил Пупо. Прикажувањето во француските кина е закажано за 27-ми септември.
Четирикратниот оскаровец со вистинско име Ален Стјуард Конигсберг во изминатите четири децении, овој единствен автор ја одбележи историјата на филмот снимајќи по еден филм годишно. Вкупно досега дваесеттина пати беше номиниран за Оскар, а освои четири од најпрестижните признанија во филмскиот свет.
Вуди Ален влезе во историјата на филмот, првенствено како своевиден хроничар на Њујорк. Но неговиот комплициран однос со филмските продуценти на крајот го доведе режисерот во Европа, каде што самиот процес на снимање и создавање филм е далеку поевтин отколку во САД.
Неговата европска филмска авантура му донесе и нова професионална среќа, по низата претходни неуспеси во САД, неговите рецентни филмови му донесоа серија номинации на американската Академија на филмските уметности и науки, кулминирајќи со четвртиот Оскар кој го доби за неговиот филм „Полноќ во Париз”.
Во 2012 година Ален во Рим го сними „To Rome With Love” (На Рим со љубов), а во Италија снимаше и во 1996 година во Венеција каде беше снимен дел од неговата музичка комедија „Сите велат – те сакам” (Everyone Says I Love You). Претходната 2011 година во француската престолнина Париз го сними „Полноќ во Париз” (Midnight in Paris), во кој во една од споредните улоги се јавува и поранешната прва дама на Франција, Карла Бруни-Саркози. Овој филм му донесе Оскар за сценарио и номинација за најдобар филм. Во Лондон, Ален ги сними во 2005 година „Match Point”, „Сензација” (Scoop, 2006) и „Сонот на Касандра” (Cassandra’s Dream, 2007) со кој дебитираше на филмскиот фестивал во Венеција. Шпанија во 2008 година беше сценографија за „Вики, Кристина, Барселона” (Vicky Cristina Barcelona).